Пример на мечот меѓу домаќинот Холандија и Чешка, имаше спорен пенал кој го досуди легендарниот ќелавко Пјерлуиџи Колина. Во претпоследната минута од мечот Роналд де Бур падна во казнениот простор, Холанѓаните добија пенал кој брат му Франк де Бур го реализираше и „лалињата“ со победа го стартуваа домашното Европско (ко-домаќин со Белгија).
Но овој дуел се памети и по култната, не баш пријатна сцена: во 68' минута по еден деганжман на голманот, на средина на теренот во дуел влегоа титаните Јап Стам и Јан Колер. Чехот ја удри топката со глава, но во истовреме се судри со карпестиот Стам на кого му пукна аркадата.
Со раскрварено лице Стам не сакаше да излезе од игра и беше спремен да продолжи. Неговата репрезентација како голем фаворит го играше првиот натпревар на домашно Европско првенство, а резултатот уште не им одеше во прилог.
Колина, според правилата, не му дозволи да продолжи така раскрварен (каква ретро комбинација Стам-Колер-Колина).
Правилото еден играч поради кој мечот на кратко е прекинат, да мора прво да го напушти теренот за после да се врати го воведоа токму пред тоа Европско 2000.
ДОДЕКА ГО ШИЕШЕ, НА ДОКТОРОТ МУ СЕ ТРЕСЕА РАЦЕ, А СТАМ НЕ ТРЕПНА
Операцијата крај теренот траеше околу три минути. За цело време главата на Стамп од горе му ја фиксираше еден човек а друг, докторот на репрезентацијата, му шиеше еден конец по друг. Мечот продолжи но режисерот постојано ја повторуваше сцената.
Беше јасно колку на докторот му играат рацете а Јап Стам не покажува никакви емоции додека го шијат „на живо“.
На Амстердам Арена Јап Стам го шиел холандскиот доктор Виб Племпер кој подоцна западна во непријатна афера. Неговото име неколку пати беше спомнувано кога на Стам при трансферот од Манчестер Јунајтед во Лацио му најдоа нандролон (недозволена супстанца според ФИФА и УЕФА) и доби 4-месечна суспензија. А доктор Племпер добил отказ од репрезентацијата на Холандија поради тој скандал.
На Јутјуб има неколку видеа со култниот момент како го шијат Стам, но ретко кој го покажува делот кога Јап проаѓа покрај селекторот и чека дозвола од судијата да се врати на теренот.
Но после неколку минути го извадија од игра.
Не се знаело кој ја донел последната одлука да го сменат иако Јап по секоја цена сакал да го доигра мечот. Дали селекторот Франк Рајкард, дали резервниот судија (делегат) Кирос Васарас кој видел дека Стам е длабоко расечен и не смее да продолжи.
Холандија десет минути играше со 10 фудбалери и Јап конечно излезе од игра во 75' минута. На негово место влезе анонимниот Берт Контерман. На терен во тој момент беа Клајверт, Бергкамп, Давидс, Зенден, Ван дер Сар, Коку, браќата Де Бур, Рајзигер и Ван Бронхорст. Од друга страна ги напаѓаа Недвед, Росицки и Поборски додека траеше операцијата на Стам.