Во сезоната 2005/2006 во Јувентус беа две во тој момент можеби најлуди глави на европскиот фудбал: Златан Ибрахимовиќ и Адриан Муту. Кој од кој поголема дилајла од кого не знаеш што можеш да очекуваш.
Романецот веќе некое време е тренер на тамошниот гигант Рапид Букурешт кој после подолг период е втор на табела во романската Лига 1, со 28 бода, пет помалку од лидерот Фарул.
Муту во подкастот Vreau să știu (Сакам да знам) раскажа една не баш нормална анегдота од времето кога играл со Ибра. А Златан тогаш беше „во најјаките“.
На едно гостување од Лига на шампиони во Виена во 2005-та, пред мечот со Рапид, во хотелска соба:
„Седам јас на маса а покрај мене Павел Недвед и Ибрахимовиќ. Златан преку мене крена рака и го удри Недвед по глава. Блази (Мануеле, некогашниот играч на Јувентус) кога го виде тоа му рече на Златан дека не е нормален. Бевме во Австрија, а Златан се качи во мојата соба на втор спрат и ми кажа да отворам прозор. Го фати Блази, го доведе во соба и го држеше додека виси низ прозорецот.
Златан е голем и јак. Немаш што да правиш кога ќе крене рака на тебе. Го држеше Блази вака да виси низ прозор и му кажа: „Уште коментираш?! Уште го правиш тоа?! Блази вриштеше, а јас пробував да го држам Златан. Кога го крена, Блази веднаш почна да плаче гласно“, раскажа Муту за не баш пријатната епизода со Ибракадабра.