Ситуацијата во јужноамериканските квалификации за Мундијалот во Русија станува драматична, особено за двократниот Светски првак Аргентина. До крајот има уште само 6 кола полни со неизвесност кои земји ќе одат на Светското првенство следната година.
Бразил е непобедлив на последните 11 меча и е комотен на лидерската позиција со 27 бода, Уругвај има 23, Еквадор и Чиле по 20, додека Аргентина во моментов има 19 бода и е надвор од четворката која директно ќе оди на Светско.
Гаучосите по 12 одиграни кола имаа 19 бода и под водство на Марадона, но тогаш како четвртопласирани се пласираа на Мундијалот во Јужна Африка. Според сегашната позиција една земја од Аргентина, Чиле, Еквадор и Колумбија (или можеби Уругвај) ќе го пропушти Светското првенство.
Проклетството на Аргентина со Чиле
Сите очи на вечерашното 13. коло ќе бидат вперени во Буенос Аирес, бидејќи ќе се одигра можеби еден од клучните натпревари за третата или четвртата позиција во групата. Аргентина против Чиле. Кој ќе загуби може скапо да плати.
Истовремено Колумбија игра со Боливија, меч на кој е фаворит и кој ќе го искористи да се вмеша во трка за Русија. Аргентина и Чиле освен на кикс на Колумбија ќе се надеваат и ќе им одговара и Парагвај да може да го изненади третопласираниот Еквадор.
Без разлика на исходот од тие две средби, Аргентина првично вечерва има тешка задача да го скрши малерот против Чиле од кој загуби две финалиња во низа во Копа Америка во 2015-та и 2016-та и тоа на идентичен начин, со пенали по резултат 0:0.
Што се случува со Аргентина?
Селекторот Едгардо Бауза изјави дека тој веќе го замислува Лионел Меси како го крева златниот пехар на Мундијалот во Русија, но можеби тој прерано мечтае за такво нешто бидејќи Аргентина прво мора да мисли само на победа на последните шест квалификациски меча.
Бауза ја води Аргентина на последните четири меча откако го замени Џерардо Мартино, но поразите на домашен терен од Еквадор и Парагвај, нерешените средби со Венецуела и Перу, како и дебаклот од Бразил 3:0 е срам за селекција од таков ранг.
Несфатливо е како може репрезентација со Меси, Ди Марија, Игуаин, Агуеро, Дибала и Лавеци да губи од аутсајдери и да има постигнато 14 гола на 12 средби. Доволно е да се напомене само каква форма на клупски план држат Меси, Игуаин и Дибала.
„Сè на што сум фокусиран е мојот тим да стане шампион. Секогаш имало ривалство со Чиле и овој меч е многу важен за нас. Единствената работа која треба да биде во нашите умови е ако ги победиме, ќе ги поминеме. Се чувствувам како победник, чувствувам дека ќе ги победиме“, изјави аргентинскиот селектор.
Дали се работи за криза или не, тоа треба Аргентина сама да го докаже. Во случај на изненадување да не влезат во четворката која ќе патува директно на Светско, втората варијанта е да одат преку pлејоф како петтопласирани, каде би се сретнале со една од селекциите на Нов Зеланд и Тахити.
Распоред во следните две кола:
23 март
Аргентина – Чиле
Колумбија – Боливија
Парагвај – Еквадор
Уругвај – Бразил
Венецуела - Перу
28 март
Боливија – Аргентина
Чиле – Венецуела
Еквадор – Колумбија
Бразил – Парагвај
Перу – Уругвај
Хондурас – Коста Рика