Рускиот тајкун Димитриј Риболовљев кој со купувањето на голгетерот Радамел Фалкао од 60 милиони евра го направи вториот најскап трансфер во историјата на францускиот фудбал почна да ги враќа навивачите на Монако на стадион.
Во пресрет на новата сезона во Франција која стартува следниот викенд, екипата бележи клупски рекорд по бројот на продадени сезонски влезници од вкупно 3.524. Се разбира дека оваа бројка е премала во однос на продадените билети на ПСЖ или некој друг европски гигант, но за минатогодишниот второлигаш тоа е одличен напредок.
Досегашниот рекорд им се случи во сезоната 2007/2008 година кога продадоа 3.091 билет, а пред 10 години кога тимот стана финалист во Лигата на шампиони каде се сретна со Порто, во првенството беше проследен од само 1.022 навивачи со сезонски карти.
Клубот кој се враќа на голема врата во првата француска лига и кој ќе му парира на моќниот ПСЖ успеа да продаде дури 85% од ВИП влезниците за цела сезона, а тоа е показател дека на првенствените мечеви ќе го следи голем број на елитна публика.