Француското првенство го оправдува своето место во европскиот Топ 5. Покрај екипите на ПСЖ, Лион, Марсеј... кои се составени од квалитетни фудбалери и по некоја ѕвезда, од следната сезона во ова друштво ќе се вмеша Монако. И не само што ќе се вмеша во врвот на францускиот фудбал, туку тие можеби и ќе ги фрлат во сенка дури и катарските милиони од ПСЖ.
Францускиот клуб Монако имаше огромен успех во 80-те години под водство на Арсен Венгер и во својата историја има освоено 7 титули од домашното првенство, а во 2004-та година загуби во финалето на Лигата на шампиони од екипата на Порто.
Но прославениот француски клуб долги години тонеше во долгови и сезоната 2010/11 ја заврши на 18-та позиција што значеше и испаѓање во втората лига.
Во тој момент на сцена стапи рускиот тајкун Дмитри Риболовљев. Милијардерот кој неколку години наназад е на листата на 100-те најбогати луѓе на планетата според магазинот Форбс и чие богатство се проценува на околу 10 милијарди долари, купи 2/3 од акциите и вети дека ќе го врати клубот на старите патеки со влог од најмалку 100 милиони евра.
По 29 одиграни кола, Монако под водство на Клаудио Раниере се наоѓа на првата позиција и најверојатно ќе се пласираат во првата лига, а за следната сезона се очекува да се направи целосен ремонт на составот кој треба да биде конкурентен на ПСЖ.
Русинот кој своето богатство го заработи со продажба на ѓубриво, нема да се штеди за да го оствари својот план. Тој планира да доведе повеќе квалитетни фудбалери, но и неколку големи ѕвезди како што ПСЖ направија со Ибрахимовиќ, Силва и Бекам.
Според шпекулациите на француските медиуми, на списокот на Риболовљев се наоѓаат Руни, Тевез, Лампард, Кавани, Кол...