Претседателот на турскиот клуб Газијантепспор ги потврди гласините дека репрезентативецот на Чешка Франтишек Рајторал се самоубил дома во неделата предминатиот викенд. Веста стигнала на 24 април. Франтишек кој имал 31 година и 14 настапи за најдобрата чешка репрезентација си го одзел животот а деновиве се поставува прашањето - зошто?
Семејството, роднините, другарите и колегите повторуваат во глас - Франтишек бил ведар и немал никакви суицидни наклоности.
„Беше добро расположен и не изгледаше дека има проблеми. Немам претстава зошто се решил на такво нешто“, ја коментирал ситуацијата претседателот на Газијантепспор, Ибрахим Кизил.
Прв за самоубиството на фудбалерот Рајторал соопштил турскиот сајт Fanatik.com. Фудбалерот мртов во својот дом го нашле соседите кој веднаш се јавиле во полиција.
Порталот пишал и дека Франтишек се обесил поради семејни проблеми. „Не дојде на тренинг дента и јас отидов до неговиот дом. Вратата беше затворена, никој не отвораше, но имаше светло од прозорите. Во еден момент ми кажаа дека веќе го нема“, изјавил претседателот на клубот Газијантепспор Ибрахим Кизил.
Трагедијата ја потресла Чешка: Многумина се простувале од играчот преку социјалните мрежи, а управата на Викторија Плзен со која Рајторал го освои првиот шампионски трофеј решила да го повлече неговиот дрес од продажба. Минатиот понеделник многу луѓе се собрале на плоштадот, носеле цвеќе и свеќи а некои и плачеле.
Турските патологоанатоми три дена го испитувале телото во Институтот по судска медицина, а на крајот потврдиле дека е очигледно самоубиство. Од таму во ковчег телото биле префрлено во Прага.
Бројот 27 многумина ги асоцирал со Франтишек, тоа е бројот со кој освоил четири титули со Викторија Плзен и играл Лига на шампиони. Симболично авионот со ковчегот се приземјил во Прага на 27 април во 8:27 по локално време. Оттаму го пренеле во родниот Пржибрам каде блиските роднини и другари се простиле од него за последен пат.
Што го навело Франтишек Рајторал да изврши самоубиство?
Весел дечко, тврдоглав, омилен на сите, полезен за атмосферата во соблекувалната - така викаат сите кој го знаеле лично Чехот.
„Постојано правевме нешто забавно, а тој беше мастер во тоа. Сакаше да се смее и сакаше другите да се смеат. А добро играше фудбал“, се сеќава неговиот поранешен соиграч од клубот Баник Острава Вацлав Сверкош. Но неговиот живот имал и друга страна.
Една од нив е и страсната желба за коцка на која што Франтишек трошел многу пари. Поради потрошени пари периодично паѓал во депресија, а понекогаш дури и се затворал дома за никој да не му смета.
Психолошки проблеми имал уште во Острава, кога дошол во клубот Баник во 2005-та година. Рајторал имал чести промени во расположението. Еден ден доаѓал на тренинг депресивен и тажен, а друг ден весел и насмеан. И така во круг.
„Кај нас дојде во 2005-та. Беше скромен дечко со слаба конституција. Беше послушен, интелигентен но и неочекувано чуствителен. Имаше психолошки проблеми, но му помогаваме да се лекува“, се сеќава тогашниот портпарол на Баник, Игор Брузл.
Како изгледало кога Франтишек го спопаѓала апатаија, за чешкиот неделник Aha! раскажувал негов поранешен соиграч кој побарал да остане анонимен: „Во соблекувалната ќе се покриеше со пешкир. Се плашеше да излезе на терен. Не сакаше да игра и избегнуваше луѓе. Понекогаш не го разбиравме“.
После четири години потпишал со Плзен и направил трансфер во Викторија. Франтишек стигнал на арената „Ауди“ и колегите таму го завикале пилот на Формула 1 поради одличната моторика. Во есента 2014-та не играл. Се лечел од депресија. Клубот ја објаснил ситуацијата со симптоми на замор кај Франтишек Рајторал.
„Знаевме дека има некакви проблеми, но никој не се интересираше посебно за тоа“, раскажува напаѓачот Петр Вашек, еден од најблиските другари на Рајторал.
Членовите на управата на Викторија знаеле за психолошките проблеми и стресот на младиот фудбалер. Сопственикот на клубот Томаш Пацлик и главниот тренер Адолф Шадег предлагале помош, но сите проблеми на Франтишек ги чувала во себе неговата девојка - Петра Грузкова.
На нејзин предлог тој тргнал порадикално - отишол на психијатар којшто дал обична дијагноза: „Рајти, ти имаш синдром на хроничен замор. Одмори па врати се“.
Лекувањето кај препорачаниот психијатар не помагало, а не помагала ни помошта од другарите, соиграчите и просто блиските. Сите проблеми Франтишек ги држел во себе, ги игнорирал.
„Таквата апатија го држеше три-четири месеци. Потоа се врати и рече: ’Тренеру, сакам да играм. Ќе направам се што треба да играм’. Депресијата била контролирана и стариот весел другар кој сите го сакаа, се врати“, се сеќава портпаролот Вашек.
Сепак третманот на депресијата како и лекувањето на разни болести од зависности трае малку подолго од обично земање аспирин и чекање лошото да помине. Прашање е како на тоа гледал Франтишек?
Во еден момент му се појавиле и сериозни финансиски проблеми. Му ја замрзнале сметката во банка, па се задолжувал по лихвари. На крајот не можел да ја отплати хипотеката. Како капак на се го оставила и девојка му Петра со која живеел шест години а која подоцна почнала да се забавува со друг фудбалер од Прага.
Со Петра тој се запознал во родниот Пржибрам. По неговата смрт, таа на Инстаграм објавила негова фотографија со натпис: „Кој тебе те познаваше, знаеше дека имаш срце и дека си добар човек. Сакав да ти помогнам, Фануш, но не успеав“. По Чешка, Франтишек во летото 2016 заминал да игра во Турција.
„Три недели пред неговата смрт тој праша за слободни денови: требал да реши некои проблеми во Шечка. Го ослободивме и Франти се однесуваше навистина како голем професионалец. Многу го засакавме“, вели тренерот на Газијантепспор, Исмарил Картал.
Никој не знае што точно го натерало Франтишек така да го заврши својот живот? Неговото самоубиство било главна тема на дискусија во Турција а веќе неколку дена и во ФифПро- Здружението на фудбалери кое бара поголема помош и разбирање за фудбалерите кои патат од депресија.
Порталот Fanatik.com пишувал и за пронајдено проштално писмо напишано на чешки јазик, но следниот ден стигнал демант од полицијата која тврдела дека се работи за љубовно писмо а не за проштален текст. По информациите на истиот сајт, три дена пред самоубиството, Франтишек се карал со новата девојка со која снимал реклами во Газијантеп. Девојката на крајот се спакувала и заминала во Прага.
Интернет изданието на весникот Hurriyet.com.tr пишувал дека немало никакво проштално ниту љубовно писмо туку список на долгови со две табели. За кои конкретни суми се работело никој не објавил, иако чешкиот портал Blesk! соопштил дека списокот на долгови бил реален и веројатно бил поврзан со колосалните недвижнини на Франтишек во Чешка (околу 4 милиони евра).
Франтишек заработувал во просек по 1,6 милиони евра годишно.