По серијата повреди на Серхио Агуеро, Стеван Јоветиќ и Давид Силва, тренерот на Манчестер Сити ја разгледува опцијата за деби на младиот Анхел Поцо на вечерашниот дуел од Лига купот против Шефилд Венздеј.
Хозе Анхел Поцо потекнува од школата на Реал Мадрид, а Манчестер Сити за него плати 2,4 милиони фунти во летото 2012-та година кога потпиша 5-годишен договор. Шпанскиот напаѓач (18) игра во голема форма за младинскиот тим на Сити, а во неделата беше меѓу 20-те фудбалери кои конкурираа за составот кој играше против Челси.
„Поцо е на листата играчи кои конкурираат за вечерашниот дуел против Шефилд Венздеј. Голема е веројатноста тој да го почне натпреварот, затоа што Агуеро, Силва и Јоветиќ се повредени а Забалета е суспендиран", изјави Мануел Пелегрини, тренерот на Сити.
Од првата минута вечерва би можел да заигра и Френк Лампард, кој му даде гол на неговиот Челси во неделата. Лампард е позајмен од филијалата на Сити, Њујорк Сити ФЦ, но Чилеанецот би сакал подолго да го има во тимот.
„Договорот за позајмица на Лампард важи до јануари следната година, но би сакале подолго да остане со нас, затоа што во лигата во САД почнува неколку месеци подоцна", вели Пелегрини.
Во меѓувреме, раководните луѓе на Манчестер Сити имале состанок со локалната полиција, со цел да се избегнат инциденти за мечот против Рома од ЛШ кој се игра наредниот вторник.
Италијанците добиле 1.100 карти, но најавиле бројка од 2.000 тифози. Рома е под условна казна од УЕФА поради инцидентите кои се случија во дуелот од првото коло против ЦСКА Москва на „Олимпико".