Првата фаза на продажба на влезници започна вчера и ќе трае до 10 октомври, а ФИФА соопшти дека уште по првиот ден добиле неверојатен број на апликации.
На 295 денови пред почетокот на Мундијалот кога се познати само пет од вкупно 32 учесници, ФИФА добила над еден милион барања за влезници по само седум часа откако започна нивната продажба.
Најмногу интерес имало за отворањето на првенството кое ќе се одржи во Сао Паоло на 12 јуни (168.000 апликации) и за финалето на Маракана во Рио де Жанеиро (165.000 барања). Најголем интерес имало од Бразил, Аргентина, САД, Чиле и Англија.
Поради големиот интерес, добитниците на влезници ќе бидат избрани по пат на лотарија.
Цената на влезниците се движи од 67 евра, а најскапиот билет за финалето на Мундијалот ќе чини 742 евра.