Македонија како 65-та фудбалска земја во светот, загуби 1:3 од Азербејџан кој е на 123-то место на ранг листата на ФИФА.
Со тоа врза два неуспешни резултати во Скопје на двете пријателски средби. Селекторот Боби Милевски конечно призна дека вака не оди.
„Ако во некои сегменти бев задоволен со Финска, некои работи беа добри до примениот гол. Ама, мора да сум искрен, ова е убав шамар за сите нас. Мора да го ставиме прстот на чело и да се замислиме добро, дали и колку го почитуваме македнскиот дрес. Почнувам од мене, па до сите други, технички служби, фудбалери, стручен штаб. Добро е што дојде тој шамар сега.
Не се сомневам дека ќе сме спремни за во март, но мора да бидеме спремни во главите, да сфатиме дека нема лесни противници, фудбалот нема импровизации, мора да имаш самопочит, почит кон ова што го носиме тука сите од нас, за да можеш да го почитуваш тоа што си дел од репрезентација на Македонија“, рече Милевски
Македонскиот национален тим е веќе на пет средби по ред без победа, а она што загрижува е реализацијата.
На овие две пријателски на Градски, Македонија не постигна гол од игра, туку и двата погодоци против Финска и Азербејџан беа од пенал.
Во неодамнешните натпревари во Лигата на нации постигна само 7 гола од кои 6 им се од двата меча против аутсајдерот Гибралтар. Што значи на четирите средби, по две против Грузија и Бугарија, реализацијата им е само еден гол.
Редовните квалификации за ЕП 2024 година ги почнуваме во март идната година со дуелот против Малта на 23. март во Скопје.
Другите противници во група ни се Англија, Италија и Украина.