Сезоната 2008/2009 во италијанско беше последната на Пандев во Лацио од каде си замина по судски пат. Јувентус уште беше оној стариот со Дел Пјеро, Трезеге и Недвед, а Фиорентина со Муту, Џилардино и Јоветиќ се избори за ЛШ.
Во Милано чекореа ѕвезда до ѕвезда. И тогаш и сега Златан беше во истиот град, но како играч на Интер со кој го освои Скудетото под водство на Мурињо. Заврши на пиадесталот со 25 гола, следен од Ди Вајо и Милито кои имаа по 24. Првиот со Болоња, а вториот за Џенова, кој ја однесе во ЛЕ и потоа направи трансфер во Интер во историската сезона.
Кај Росонерите тоа беше период на разделби и големи промени, а токму на денешен ден пред 12 години за нив заигра едно од најпознатите фудбалски имиња на сите времиња, а тоа е Дејвид Бекам кој дојде Галакси на шест месечна позајмица.
Играше за тим предводен од суперѕвездата Кака, како и ред други славни имиња кои вечно ќе останат во срцата на навивачите на Милан, како Пирло, Малдини, Неста, Сидорф, Инѕаги, Пато сезона во која таму беа и Дида, Каладзе, Абијати, Јанкуловски, Амброзини...
И тоа не е сè. Милан пред таа сезона ги испрати во пензија Кафу и Сержињо, а Роналдо го прати во Коринтијас. Но во таа 2008-ма од Барселона пристигна виртуозот Роналдињо, а од Челси на позајмица го вратија Шевченко. Какви трансфери.
Можеби тоа беше крајот на ерата на Анчелоти кој од следната сезона седна на кормилото на Челси, но уште беа јаки и завршија на трета позиција со ист број бодови колку Јуве. Мурињо им избега прв со +10.
Плејадата на големите фудбалски имиња во тоа време во Серија А ја надополни Дејвид Бекам, кој дојде на полусезона на 33 години. За него нова авантура пред пензија, за Милан искуство во тимот и опасност со остри центар шутеви и слободни удари од било која позиција.
Дебитираше против Рома на 11 јануари 2009-та. Алехандро Пато и Мирко Вучиниќ збрцаа по два комада, а токму бразилскиот напаѓач се издвои како прв стрелец кај Росонерите со 18 гола. Шева даде само два.