Миколи набркан од Сицилија

Напаѓачот на Палермо, Фабрицио Миколи кој пред неколку дена се извинуваше јавно и тврдеше дека не е поврзан со никаква мафија остана без својот клуб.

Само еден прислушкуван телефонски разговор изгледа дека ќе му ја скрати предвреме кариерата на италијанскиот фудбалер Фабрицио Миколи. Пред неколку дена тој имаше емотивен говор на кој јавно се извини за погрдните зборови кои ги употреби против најпознатиот италијански судија Џовани Фалконе и тврдеше дека немал никаква поврзаност со мафијата на чизмата.

Но освен тоа што е отпуштен од својот клуб кој од наредната година ќе се натпреварува во втората лига, градоначалникот на Корлеоне, градче во склоп на Палермо одлучи да му ја одземе документацијата со која беше жител на ова место на островот Сицилија.

Скандалот со Миколи настана откако беше откриено дека ангажирал син на познат мафијаш од Италија за да си ги врати парите кои му ги позајмил на газда на ноќен клуб.

Но пресудно за негово оцрнување пред јавноста беше тоа што во разговорот го навредил судијата Џовани Фалколе, познат како голем борец против мафијата на Апенините кој им пресудил на многу босови и кој беше убиен пред 20 години.

Градоначалникот на Корлеоне изјави дека тој не смеел ниту да помисли да каже такво нешто за Фалконе кој го сметаат за херој во Италија и поради тоа тој веднаш одлучил да му го одземе жителството.

34 годишниот Миколи беше шест години дел од екипата на Палермо, а настапуваше и за Перуџа, Јувентус, Фиорентина и Бенфика.

2 јули 2013 - 15:26