ШТО КАЖА МЕСИ ВО НАЈНОВО ИНТЕРВЈУ ПО ПОВОД СИТУАЦИЈАТА?
33-годишниот Лео после 20 години во Барселона, во август изрази желба да замине без обештетување, како слободен агент. Барса секако тоа го одби и соопшти дека клаузулата да замине без обештетување имала важност до 10 јуни.
Во петокот Меси даде ексклузивно интервју за шпанското издание на Goal.com и додаде дека останува во Барселона.
„Кога им кажав на жената и децата дека сакам да си одам, тоа беше драма. Цела фамилија почна да плаче, децата не сакаат да заминат од Барселона, да сменат школо.
Но јас гледам подлабоко. Сакам да играм на највисоко ниво, да освојувам титули, да настапувам во Лига на шампиони. Можно е да победиш или да изгубиш, ЛШ е тежок турнир, но важно е да се биде конкурентен. Во крајна мера, да се бориш да победиш и да не те развалат како што беше со Барселона во Рим, Ливерпул, Лисабон. Сето тоа ме натера да размислам за одлуката која сакав да ја донесам“, вели Меси.
„Матео е уште мал и не разбира што значи селење и живот во друго место. Тиаго е постар. Тој слушал на телевизија, дознал повеќе и ме праша. Не сакав тој да биде оптеретен со селење, со барање ново школо, нови другарчиња. Се расплака и ми кажа: „Дај да не си одиме“.
Во понеделникот Лионел дошол во базата најрано од сите: како што соопшти RAC1, тренингот требал да почне во 17:30 по локално време, а Аргентинецот стигнал 1 час пред почетокот.
На фотографиите и видеото од тренингот, се гледа дека Лео одвоено тренира сам (тест на коронавирус направил дома) и наводно не може да тренира со групата поради протоколот за безбедност на Ла Лига. Индивидуално ќе мора да тренира до четврток кога го чека уште еден тест на коронавирус.
Лионел тренирал со новите adidas копачки Nemezis Messi 19.1 FG - специјализирана серија на Аргентинецот во шарени бои. Компанијата ги спремила овие копачки специјално за Копа Америка која требаше да се игра во јуни годинава, но се откажа поради глобалната пандемија за следната година.
Adidas не сакал да чека и да ја одложува промоцијата па решил Меси сега да го претстави новиот модел копачки. Дизајнот асоцира на боите на градот во кој Меси ја помина целата своја фудбалска кариера. Портокалова боја често се појавува и на опремата на Барселона.
Leo #Messi begins preseason training. pic.twitter.com/ygPNpWzjkb
— FC Barcelona (@FCBarcelona) September 7, 2020
Меси на тренингот разговарал и со новиот тренер Куман, а Sport.es пишува дека една од темите била и капитенската лента на Лео. Барса ќе го игра првиот меч во Ла Лига на 27 септември - првото коло е преместено поради учество на шпанските клубови во Лига на шампиони. Можно е да го видиме Меси и во новиот тим на Барса под водство на Куман многу порано. Во сабота Меси најверојатно нема да игра против Химнастик зошто не работел со групата, но ќе биде спремен за пријателската на 16 септември кога Барса ќе игра против соседна Жирона.