Меси е од друга галаксија

На 24 години Лионел Меси има освоено скоро сé што може да се освои во фудбалот и е блиску до уривање на скоро сите клупски и европски рекорди со постигнување голови.

Пред синоќешниот натпревар со Баер Леверкузен, Лионел Меси му се пожалил на клупскиот доктор за силна главоболка. Меси постигна пет голови и стана првиот фудбалер кој што успеал да го стори тоа на натпревар од Лигата на шампиони. Колку ли уште голови можеше да постигне ако немаше главоболка?

Аргентинецот само на синоќешниот натпревар постигна исто толку голови колку што постигна Фернандо Торес на 50 натпревари за 13 месеци откако е во Челси.

Вкупно, Меси има постигнато 250 голови на 378 натпревари за Барселона и Аргентина или 49 на 53 натпревари само оваа сезона. Само уште седум голови му недостасуваат за да го стигне рекордот на најдобриот стрелец во историјата на Барселона. Актуелен рекордер е Цезар Родригес со 235, а Меси на 24 години има постигнато 228 голови.

Оваа сезона Меси во Лигата на шампиони постигна 12 голови, што е двојно повеќе од вториот стрелец Марио Гомез кој постигна шест. Вкупно во кариерата Лионел Меси има постигнато 49 голови во најелитното европско клупско натпреварување и се наоѓа на четвртата позиција на листата на најдобрите стрелци.

Најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампиони е Раул со 71 гол, но тој имаше 27 години кога стигна до границата од 49 колку што има Меси на 24 години.

„Тој е најдобар. Нема никој како него. Тој е уникатен и нема да видиме уште еден фудбалер како Меси", изјави Гвардиола.

Запрашан да го спореди Меси со легенди како Јохан Кројф, Алфредо Ди Стефано, Диего Марадона и Пеле, неговиот тренер одговори:

„Тронот е негов. Само тој ќе одлучи кога ќе го напушти".

8 март 2012 - 10:02