Милиони гледачи ширум светот најверојатно уште го немаа ни вклучено телевизорот и го пропуштија првиот гол на овој натпревар затоа што Орибе Пералта ја затресе мрежата на Бразил уште во 28-та секунда. Тоа е најбрзиот погодок во историјата на Олимписките игри.
Фудбалерите на Бразил напаѓаа, но опасни беа и Мексиканците, а Пералта во 75-та минута искористи уште една шанса и зголеми на 2:0.
Во првата минута од судиското продолжение Хулк намали на 2:1, а во следниот напад Оскар со глава промаши огромна шанса за израмнување.
На тој начин репрезентацијата на Бразил остана без злато и во своето трето финале, а Мексиканците го забележаа најголемиот успех во историјата на својата репрезентација.