Се испостави дека присутните гледачи кои свиреле наводно биле незадоволни што нема минута молк за жртвите од секторот Газа.
Пред околу 25.000 гледачи на првиот полуфинален меч меѓу големите ривали Реал и Атлетико Мадрид славеа „кралевите“ 5:3 во продолженијата.
На стадионот на Ал Наср во Ријад имаше се: дури осум гола, четири во прво полувреме што е единствен случај во ХХI век меѓу овие два ривали, имаше спорни моменти и жестоки дуели.
После само шест минути Атлетико Мадрид прв го отвори резултатот со голот на Марио Ермозо. Реал возврати во 20’ минута кога Антонио Рудигер беше прецизен по еден корнер од десна страна а само девет минути подоцна уште еден дефанзивец на „кралевите“, бекот Менди погоди за 2-1.
До крајот од првиот дел Атлетико Мадрид успеа да израмни преку Антоан Гризман кој влезе во клупската историја на „јорганџиите“ како најдобар стрелец во историјата на овој голем клуб.
Антоан Гризман пред ова дерби го делеше првото место на вечната листа стрелци со легендарниот Луис Арагонес - двајцата имаа по 173 гола за Атлетико. Со погодокот постигнат синоќа Французинот стана најдобар стрелец во клупската историја на Атлетико. Но во меѓувреме некои се повикаа на шпански статистики според кои 172 гола имал и извесен Алексис Мартин Тамајо а 173 имал Педро Мартин и дека Гризман наводно имал три гола помалку од она што за официјално го смета Атлетико Мадрид.
Шпанскиот акаунт на Opta соопшти за рекордот на Гризман кој е потврден и од статистичарите во WhoScored. Како било, за очекување е Французинот да постигне наскоро уште три гола и официјално да биде рекордер.
Во вториот дел страстите малку се смирија, но огнометот започна во последните дваесетина минути.
Прво во 78’ минута по една неспретна реакција на голманот Кепа Аризабалага Рудигер случајно ја погоди мрежата и Атлетико Мадрид поведе 3:2. Но оваа епизода не го деморализираше Реал кој во 84’ минута израмни на 3-3 преку капитенот Дани Карвахал.
Со тој луд резултат и шест гола заврши регуларниот дел. Следеа продолженија. Во првите 15 минути од продолженијата немаше ниту еден шут кон противничкиот гол и речиси сите чекаа пенали.
Но во 116’ минута Карвахал центрираше а Хозелу во шеснаесетникот со глава биеше па топката се одби од Стефан Савиќ и заврши во гол за 4-3. Атлетико Мадрид тргна со крајни сили по ново израмнување, излезе и голманот Јан Облак пред противничкиот гол но тоа ги чинеше нов примен погодок во својата мрежа.
Браим Диаз истрча една силовита контра и лесно пред празниот гол погоди за конечни 5:3 и ново големо финале за Реал Мадрид кој ќе го чека подобриот од вечерашниот дуел Барселона - Осасуна исто во Ријад.
Реал Мадрид претходно во 19 кола од Ла Лига прими само 11 гола а сега на еден меч три. Ова е од друга страна 17-та победа на „кралевите“ на последните 20 меча во сите натпреварувања и од септември лани немаат пораз.