Марио Баслер сфати што значи петта лига

За време на дуелот од петтата германска лига меѓу Локомотиве Лајпциг и Рот-Вајс Ерфурт 50 навивачи влегле на терен и ги нападнале фудбалерите. Меѓу повредените и легендарниот играч на Баерн Минхен, Марио Баслер.

На германски е Fussball, на нашки се преведува фудбал, но во Германија се чита како насилство. Германците и натаму имаат сè повеќе проблеми на стадионите.
 
Вчера, за време на дуелот меѓу ФЦ Локомотиве Лајпциг и Рот-Вајс Ерфурт II, на домашните им требаше победа за да го завршат првенството Оберлига (петта германска) на трето место и да играат бараж за пласман погоре. Сепак, иако немаше никакви шанси за поголем успех во сезоната, Рот-Вајс Ерфурт сериозно влезе во мечот и во 73' минута водеше 2-0. Во тој момент Ѕиане, напаѓачот на домаќините ја изгуби главата, направи тежок фаул и доби црвен картон.
 
За деликвентите од трибините тоа бил мотив повеќе да влезат на теренот и да почне општиот метеж. Прво на теренот влегле 30-ина хулигани, а по интервенцијата на редарите, уште 20 души ја прескокнале оградата и ги нападнале и своите и противничките играчи.
 

Меѓу 30 повредени фудбалери, настрадал и спортскиот директор на Локомотиве, Марио Баслер поранешната ѕвезда на Баерн Минхен. По интервенцијата на околу 100 полицајци, тепачката завршила, а уапсени биле десетина од напаѓачите. Судијата одбил да го продолжи мечот, кој веројатно службено ќе го добијат гостите.
„Немам ништо со настанот. Го осудуваме однесувањето на овие дивјаци без мозок“, напишаа во соопштението од Ерфут.

Разочаран од настаните е и самиот Марио Баслер, кој во моментов е спортски директор на Локомотиве Лајпциг.

„25 години сум во фудбалот и никогаш не ми се случило вакво нешто. Кога ќе помислам дека моите играчи се нападнати и удирани, се прашувам за кого и за што работам. Ова нема смисла и ако вака продолжат работите, во недела подобро ќе излезам да шетам со жена ми", изјавил Баслер од клиниката во Лајпциг.

Целиот хаос во германската петта лига:

Инаку, ова е само последен во низата насилни настани во германскиот фудбал. Минатиот 14. февруари, за време на дербито меѓу Борусија Менхенгладбах и Келн, гостинските навивачи влегоа на теренот и стигнаа до трибината со домашни навивачи.

Судот во Келн го казни клубот 200.000 евра, а 10 навивачи добија затворски казни. Потоа на средината од април, во Берлин за време на дуел од шестата лига меѓу Берлинер и Спарта Лихтенберг, напаѓачот на гостите Стивен Деи-Квартенг брутално беше претепан од 30-ина навивачи на Берлинер.

Поради тоа во Германија и натаму се дискутира за решавање на проблемите во фудбалот: Fussbal не е и не треба да биде синоним за насилство.

15 јуни 2015 - 21:14