Диего Армандо Марадона никогаш не се штеди кога треба да се критикува, па освен омразата кон Сеп Блатер, сега се отвори и за претседателот на УЕФА, а не му се допаѓа ниту Фиго.
„Мишел Платини во Дубаи ми призна дека наместил 167 натпревари, а Луис Фиго прво го почитував, а потоа сфатив дека не треба да му се верува“, вели Марадона.
Неизбежно е да даде и некој коментар за Блатер, а доколку прв човек на ФИФА стане Али, тогаш смета дека ќе може да се намести на важна позиција во светската куќа на фудбалот.
„Ако принцот Али бин Ал Хусеин од Јордан победи, имам големи шанси да станам потпретседател на ФИФА. Ако јас дојдам, сè ќе исчистиме. Нема да одам со намера за одмазда, туку со идеја да создадам светлина во фудбалот од Сантијаго (место во Аргентина) па се до Африка. Блатер се откажа бидејќи се плаши од ФБИ и од швајцарската полиција“, смета Аргентинецот.
Неговиот асистент ги корегираше обвинувања за Платини.
„На една средба во Дубаи во декември 2013 година, Мишел Платини го покажа своето жалење и страв бидејќи од сигурни извори му било кажано дека многу натпревари биле наместени во земји членки на УЕФА. Платини му кажа на Марадона дека му е многу жал и дека е уплашен за тоа што му било кажано. Тоа е информацијата, остатокот не е вистина“, вели Стефано Чечи.