И покрај тоа што не жалеше пари за нови напаѓачи, Манчестер Сити ретко најде права гол машина. Новата управа на Сити најпрвин ги доведе Бразилците Робињо и Жо, а по нив за шест ипол години потрошија дополнителни 296 милиони фунти.
Спортсмејл направи листа од сите напаѓачи кои со поголем или помал успех го носеа дресот на тимот од Етихад во последните неколку години.
РОБИЊО (32,5 милиони фунти, 16 голови)
Манчестер Сити го претрка Челси во борбата за ангажман на Робињо, а веќе во првата сезона во Сити, Робињо беше прв стрелец со 14 голови. Робињо за Ман. Сити играше од септември 2008. до август 2010. Следуваше повреда која го оддалечи од теренот, по што замина во Сантос на позајмица и потоа за 15 милиони фунти премина во Милан.
ЖО (18 милиони фунти, 6 голови)
Бразилецот имаше 21 година кога од ЦСКА Москва дојде во Манчестер Сити. Русите од неговиот трансфер имаа рекордна заработка, но Жо не ги оправда вложените пари во него. Само еден лигашки и пет голови во англиските купови беа причина Сити да го позајми во Евертон, а подоцна и да го врати во татковината, каде продолжи во Интернационал. Жо на Етихад престојуваше од јули 2009. до август 2012.
ЕМАНУЕЛ АДЕБАЈОР (25 милиони фунти, 19 голови)
Адебајор во Манчестер беше од јули 2009. до август 2012. По фантастичниот старт во новиот дрес, кога на четири натпревари даде четири голови, Адебајор во свој стил почна да се замерува со стручниот штаб. Тоа беше причина да остане во сенка на Карлос Тевез, Един Џеко и Марио Балотели. Сити подоцна го прати во Реал Мадрид на позајмица, а Тогоанецот во моментов игра за Тотенхем.
КАРЛОС ТЕВЕЗ (47 милиони фунти, 74 голови)
По неколкуте промашувања во трансферите, Сити конечно погоди, но и одвои дури 47 милиони фунти за Аргентинецот. Карлос Тевез стана вториот фудбалер на Сити што најбрзо стигнал до 50 голови на 73 натпревари. На крајот од неговата авантура на Етихад во јуни 2013. Тевез веќе имаше 59 голови пред да замине во Јувентус за 12 милиони фунти. Навивачите на Сити го сакаат и покрај тоа што често се замеруваше со тренерот Роберто Манчини.
РОКЕ САНТА КРУЗ (17,5 милиони фунти, 4 голови)
Парагваецот во Сити дојде од Блекбурн во јули 2009 година, но никогаш не се докажа во дресот на „граѓаните" и замина во јули 2013.. Вкупно одигра 20 натпревари во Премиер лигата, од кои стартуваше на пет и даде само четири голови. По неколку позајмици, на крајот се скраси во Малага.
ЕДИН ЏЕКО (27 милиони фунти, 70 голови)
Роберто Манчини во една прилика изјави дека Един Џеко му е најдрагиот трансфер, затоа што долго време чекал да го доведе во екипата. Босанскиот репрезентативец на Етихад дојде во јули 2011. година и веќе има репутација на расен стрелец во Премиер лигата, каде на 119 настапи досега постигна 70 голови.
МАРИО БАЛОТЕЛИ (24 милиони фунти)
Со Италијанецот не се знае од каде да се почне. Дојде од Интер во август 2010. година и буквално секој ден беше на насловните страни поради проблемите и гафовите што ги правеше на и надвор од теренот. Беше најзаслужен што Сити го освои ФА купот во 2012. година кога го прогласија за играч на мечот, а одлична партија пружи и против Јунајтед на Олд Трафорд и против Астон Вила, на која ѝ даде три голови. Поради проблемите, Манчестер Сити го продаде во Милан за 19 милиони фунти, а во моментов игра за Ливерпул.
СЕРХИО АГУЕРО (38 милиони фунти, 94 голови)
Проблемите со повредите не го спречија Серхио Агуеро од јули 2011. година па до денес да стане еден од најдобрите напаѓачи во историјата на Манчестер Сити. Дојде од Атлетико Мадрид за 38 милиони фунти, а во запаметен во историјата ќе остане неговиот гол против КПР во '95 минута, кога на Сити му ја донесе титулата после 44 години. Во Премиер лигата, Агуеро досега постигна 66 голови.
СТЕВАН ЈОВЕТИЌ (22 милиони фунти, 11 голови)
Црногорецот потпиша со Сити во јули 2013. година, но поради серијата повреди уште не ја пронашол правата форма, но и покрај тоа даде осум голови на 11 средби кога беше стартер. Иако има само 25 години, со доаѓањето на Вилфред Бони од Свонси, извесно е дека Јоветиќ и натаму ќе седи на клупата кај Пелегрини.
АЛВАРО НЕГРЕДО (20 милиони фунти)
Манчестер Сити на голема врата го пречека шпанскиот репрезентативец кој дојде во јули 2013. година. Поради неколку кризи со повредите, Негредо беше сенка на Етихад иако даде 23 голови пред да биде позајмен во Валенсија.
ВИЛФРЕД БОНИ (25 милиони фунти)
Напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска од Истлендс пред два дена потпиша со Манчестер Сити за 25 милиони фунти. Најверојатно тој ќе биде партнерот на Агуеро во нападот и прв избор на Мануел Пелегрини.