Манчестер Јунајтед и големата лојалност кон своите деца

И покрај тоа што се наоѓаме во ера кога скроз се изместени границите во однос на парите кои се трошат за фудбалери, сепак има уште клубови кои си го ценат своето и се потпираат на сопствените производи.

Клубот на кој треба да му се подаде рака за одличното водење политика кон својата фудбалска академија е Манчестер Јунајтед, бидејќи денешниот податок со кој се пофалија на својот веб сајт е за почит.
 
На секој меч во последните 80 години, тие повикуваат играч во првиот тим кој е дел од академијата.
 
Црвените ѓаволи викендов славеа 1:0 против Тотенхем, а од својата академија на листата на 18 повикани играчи на Мурињо беа Маркус Рашфорд, Џеси Лингард и Скот Мектоминај.
 
Звучи неверојатно, но последниот меч на кој Јунајтед немал свое дете во прв тим (тука не се мисли на стартните 11, туку вклучително и резервите на клупа) е против Шефилд Венздеј, одигран на 23 октомври 1937-ма.
 
Од тогаш Манчестер Јунајтед има изградено репутација за развој на млади играчи, а меѓу нив се разбира најистакната е светски познатата генерација во која спаѓаат Рајан Гигс, Пол Сколс, Дејвид Бекам, Ники Бат и браќата Гери и Фил Невил.

Џеси Лингард

Академијата е фундаментален дел од клубот, а меѓу актуелните играчи кој 11 години се калеше како дете е Џеси Лингард кој во саботата против Тотенхем стигна до 97-ми настап во сениорска конкуренција.
„Тоа е огромно достигнување. Секогаш е добро да се има локални момци и играчи од академијата во првиот тим, со искусни играчи. Во моментов имаме добар микс. Јас сум горд што пројдов низ тие редови за да стигнам до прв тим. Растев како навивач на Манчестер Јунајтед и носењето на овој дрес е чест за мене. Секогаш треба да се даваат 100% од својот труд“, вели 24 годишниот играч од средниот ред на Јунајтед.
На утрешниот меч против Бенфика во Лига на шампиони, Манчестер Јунајтед се очекува да стигне до бројка од 3.883 натпревари по ред со повикан играч кој бил дел од сопствената школа.
30 октомври 2017 - 14:22