Малку кој слушнал за него, а сега стана адут од ракав кој го сруши Ливерпул

Кога во 56’ минута од реваншот Ливерпул - Атлетико Мадрид, Диего Симеоне го извади Диего Коста и го стави малку познатиот Маркос Љоренте, никој не можеше да претпостави што ќе се случи.

Во ситуација кога Атлетико Мадрид бараше гол за израмнување и пласман во четвртфинале на ЛШ, Диего Коста излезе бесен од игра а можеше да се разбере што изговара во тој момент. Не се поздрави со Симеоне и удри во една од столиците на клупата.

На терен влезе 25-годишен играч од среден ред кој за цела групна фаза во Лига на шампиони одигра помалку од 10 минути.

Повеќето гледачи не го познаваа овој фудбалер кој прво му помогна на Атлетико да ги сопре нападите на Ливерпул и мечот да отиде во продолженија. А таму: неговиот блескав час - даде 2 гола во 97’ и 105’ минута и го замрзна цел „Енфилд Роуд“. Партијата ја заокружи со сјајна асистенција за голот на Мората за конечни 2:3.

Покрај резервните голмани, Диего Љоренте синоќа сигурно беше најнеочекуваниот кандидат за херој на вечерта која ќе ја памти цел живот.

Љоренте не е првотимец а претходно беше член на Реал Мадрид.

Ова е прва сезона за 25-годишниот Маркос во дресот на Атлетико Мадрид кој за него даде сериозни пари - трансфер од Реал вреден 40 милиони евра!

Реши да се пресели на „Ванда Метрополитано“ откако Зидан соопшти дека не смета на него.

ДЕТЕ НА РЕАЛ МАДРИД, СЕ ПРОСЛАВИ ВО АТЛЕТИКО

Интересно, Маркос Љоренте има цела една династија роднини кои играле за Реал Мадрид. Тој од 8 години почнал да тренира во академијата на „кралскиот клуб“ и ги поминал сите категории. Но ни тоа не вредеше да остане во првиот тим.

Негов роднина е легендарното крило на Реал, Франсиско Хенто кој за цели 18 сезони во клубот освоил дури 12 шампионски титули и неверојатни 6 пехари во Куп на европски шампиони (КЕШ).

А татко му Пако Љоренте, во 1987-ма година преминал од Атлетико во Реал Мадрид и на „Сантијаго Бернабеу“ играл 8 години. Најмладиот од тројцата браќа на Пако исто играл за Реал, а двајцата постари браќа за кошаркарската секција на „кралевите“.

Маркос Љоренте дебитираше за Реал Мадрид во есента 2015 година а веќе следната сезона го позајмија во Алавес со кого сензационално стигна до финалето на Копа дел Реј и ја заврши годината како еден од најдобрите играчи од среден ред по бројот на освоени дуели и одземени топки.

Ова бил многу важен статистички успех затоа што Маркос претходно се гледал како крило:

„Бев слабичок и не можев да играм одбрана. Обично не и помагав на одбраната, повеќе сакав да напаѓам. Бев многу малечок, тешко беше да се заштитам додека не почнав нагло да раснам“, се сеќава Љоренте (25).

Пресвртот во кариерата му го прави моделот на Чаби Алонсо. Маркос Љоренте многу сакал да го гледа легендарниот Чаби и почнал да игра во негов стил на средина од теренот.

Важи за фанатик за тренинзи и режим на исхрана. Соиграчите од Реал го викале „салата“ зошто нон-стоп држел строги диети кои вклучуваат овошје, зеленчук, риба, ориз и други продукти богати со белковини. 

„Многу малку играв во младински категории. Од резервен играч до првотимец стигнав кога почнав да тренирам плус самостојно за да станам појак. По цели вечери кревав тежина и трчав спринтови на сто метри“, раскажал еднаш јунакот на Атлетико Мадрид.

Тој доби нешто повеќе од 20 минути во третиот шампионски поход на Зидан во Лига на шампиони со Реал но во сезоната 2018/2019 стана важна фигура затоа што успешно го замени Каземиро и одигра 6 меча во Ла Лига.

Во Атлетико сезонава има 18 настапи од кои само 8 од почеток. Му требало време да се адаптира на системот на Диего Симеоне а притоа неговиот конкурент за место во тимот Ектор Ерера играше во сјајна форма.

Во Атлетико го носи дресот со број 14 кој порано го носеа Габи, Родри па и самиот Чоло Симеоне.

12 март 2020 - 11:25