Холанѓаните убедливо ја совладаа Летонија 6:0 во квалификациите, но тоа малку му значи на Холанѓанецот Ван Гал, затоа што Дејли Блинд му го вратија повреден во клубот.
Се претпоставува дека Блинд ги оштетил лигаментите на коленото и денес треба да се дознае колку ќе отсуствува од теренот и дали ќе може да игра против Арсенал во Премиер лигата. Блинд по вокација е лев бек, но во Манчестер сезонава најмногу игра како дефанзивен играч за врска.
Откако Олд Трафорд летово го напуштија Рио Фердинанд, Немања Видиќ и Патрис Евра, Ван Гал се соочи и со повредите на Фил Џонс, Крис Смолинг, Џони Еванс, Тајлер Блекет и Педи Мекнеир, сите одбранбени фудбалери.
Само што ќе се врати еден од нив, се повредува друг, така што холандскиот тренер ниту еднаш сезонава немаше комплетна одбранбена линија. Најголем проблем на Ван Гал му се отвори со повредата на Аргентинецот Маркос Рохо, кој се повреди на дуелот со Манчестер Сити. На тој натпревар, како што изјави Ван Гал, глуп црвен картон доби и стоперот Крис Смолинг.
На Ван Гал преку глава му се репрезентативните собири, затоа што минатиот петок се повреди голманот Давид Де Хеа, кој ќе паузира 4 недели. На негово место ќе брани резервниот голман Андерс Линдегард, а нов проблем е тоа што и Мајкл Карик во петокот ја напушти англиската репрезентација поради повреда.
Јунајтед во моментов е седми и заостанува 13 бодови зад лидерот Челси.
Листа на повредени играчи на Манчестер Јунајтед:
Дејли Блинд (лигаменти на колено)
Давид де Хеа (шинат прст на раката)
Мајкл Карик (препони и карлица)
Маркос Рохо (раме)
Рафаел (мускулен лист)
Ешли Јанг (препони)
Фил Џонс (потколеница)
Радамел Фалкао (потколеница)
Џони Еванс (зглоб на ногата)
Џеси Лингард (чашката на коленото)