Билетите за Европското првенство 2020, кое поради пандемијата беше преместено за ова лето и официјално се пуштени во продажба. УЕФА на својот сајт информира дека ќе се продаваат од 17 до 26 мај 14:00 часот, по принципот прв дојден, прв услужен.
Два големи проблеми се јавија на стартот, а тоа е постапката за купување карта, како и бројката која УЕФА ја доделува на федерациите. Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски ни потврди дека Македонија ќе добие само 2.000 карти, исто колку и федерациите на нашите два противника во Букурешт.
Бројка е многу мала, а побарувачката на карти огромна, вели Андоновски. Преку 500 билети ќе им бидат доделени на фудбалерите за нивните фамилии, а потоа тука се и стручен штаб, спонзори...државен врв во случај да побараат. Предност во купување билети ќе имаат здравствените работници.
Со оглед на оваа распределба која ја добивме денеска како информација, очигледно е дека премала ќе биде бројката за македонските навивачи кои ќе se решат да аплицираат за билет. Постапката пак само внесува дополнителна конфузија.
Во соопштението на УЕФА стои дека ФФМ ќе добие кодови со кои потоа ќе може да се купуваат он лајн картите, а за тоа оставиле мејл од извесна Билјана која Господ знае како и по кој редослед ќе ги испраќа кодовите. Што ако добие 10.000 мејлови???
Уште една работа која зачудува е малиот број на карти која УЕФА ги дели по федерации, во случајов за Букурешт, каде за сега сè уште се води како официјална одлуката да се игра со 25% публика од капацитетот на стадион.
Националната арена во Букурешт е со капацитет од 55.634 места, што значи 25% се околу 14.000 гледачи. Ако одлуката за распределбата на картите им е конечна, тогаш е нелогична. Што ќе прават со останатите 10.000 карти, ако на федерациите им доделат само по 2.000? Зарем сите тие ќе ги продаваат на неутрални навивачи?
Единствената позитивна информација е тоа што правилото од 72 часа престој во Букурешт е укинато, а за влез во Романија е потребен негативен ПЦР тест со кој може да се престојува на двата меча против Австрија и Украина на 13 и 17 јуни. За мечот со Холандија на 21 јуни сè уште нема никакви информации.