Ждрепка за Европско У21

Македонските надежи ги дознаа противниците на патот кон ЕП 2019

На денешната ждрепка за квалификациите за ЕП У21 2019 во Италија и Сан Марино се извлекоа девет групи, а Македонија ќе има релативно тешка задача.

Македонија ќе се натпреварува во Групата 7 каде се Србија, Русија, Австрија, Ерменија и Гибралтар.

Квалификацискиот циклус ќе стартува на 20. март годинава, а ќе заврши во октомври 2018-та кога ќе се знаат патниците на ЕП и селекциите кои ќе играат во баражот за пласман на Европското кое ќе се игра во Италија и Сан Марино.

Победниците на групите автоматски ќе играат на ЕП, додека четирите најдобро пласирани втори репрезентации ќе играат во баражот. Италија како домаќин на турнирот директно ќе игра на Европското.

Денешната ждрепка во Нион ја следеа селекторот на Македонија до 21 година Благоја Милевски и спортскиот директор Саша Ќириќ кои веднаш по извлекувањето заминале на состанок со останатите селектори од групата за да го договорат распоредот и термините на одигрување.

Македонија со Србија е во иста група и на Европското првенство кое летово ќе се одржи во Полска (16 јуни - 30 јуни) на три месеци пред почетокот на квалификациите за новото ЕП 2019.

Група 1: Чешка, Хрватска, Грција, Молдавија, Белорусија, Сан Марино.

Група 2: Шпанија, Словачка, Исланд, Албанија, Естонија, Северна Ирска.

Група 3: Данска, Полска, Финска, Грузија, Литванија, Фарски Острови.

Група 4: Англија, Холандија, Украина, Шкотска, Латвија, Андора.

Група 5: Германија, Израел, Норвешка, Република Ирска, Азербејџан, Косово.

Група 6: Шведска, Белгија, Турција, Унгарија, Кипар, Малта.

Група 7: Србија, Австрија, Македонија, Русија, Ерменија, Гибралтар.

Група 8: Португалија, Швајцарија, Романија, Велс, Босна и Херцеговина, Лихтенштајн.

Група 9: Франција, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Казахстан, Луксембург.

Косово и Гибралтар ќе дебитираат во квалификациите за едно младинско Европско првенство.