ЕП2017

Реми и бод за нашите јунаци, Македонија останува во игра

Во второто коло од групата Б на Европското првенство Македонија ремизираше 2-2 со Србија. Нашите момци направија пресврт 1-2, но Србија извади бод во 90’ минута.

Селекторот Милевски се реши за две промени во однос на премиерниот меч со Шпанија, па место во првите 11 добија десниот бек Мурати наместо Бејтулаи и Аврамовски наместо Ангелов во нападот. На измена во составот се одлучи и Ненад Лалатовиќ, српскиот селектор кој му даде шанса на Срѓан Плавшиќ наместо повредениот Александар Чавриќ во средината.

На стадионот во Бигдошч имаше неколку стотини македонски навивачи кои ги бодреа нашите момци и во првото коло во Гдиња против Шпанија. По официјална информација од сајтот на УЕФА, 5.121 гледачи вечерва ја следеа комшиската средба.

Дуелот меѓу соседите кои се во иста група и во квалификациите за Европското во Италија 2019 почна со блага иницијатива на Србија која што во 10. минута ја имаше првата шанса преку Мијат Гаќиновиќ, а две минути подоцна и Грујиќ ги надскока нашите стопери но со глава шутираше покрај голот на Алексовски.

По еден метеж во нашиот шеснаесетник при еден дуел меѓу Зајков и Грујиќ, фудбалерот на Ливерпул се обиде да исценира казнен удар, немаше пенал, но нашите збунето подзастанаа а тоа го искористи Ѓурѓевиќ кој асистираше до Мијат Гаќиновиќ и Србија поведе 0-1.

Во тој период од мечот нашите како свесно да му ја препуштија средината на противникот кој тоа знаеше да го искористи. За разлика од фантастичниот прв дел против Шпанија, Бабунски и Барди беа скоро неприметливи во првите 30 минути од мечот вечерва.

Во 36’ минута Игор Алексовски (сезонава само 5 меча за Вардар) нè спаси со фантастична реакција. По катастрофално лошата реакција на Ѓоко Зајков кој скокна со глава и промаши цел фудбал, Марко Грујиќ излезе потполно сам пред нашиот гол, но Алексовски одбрани маестрално.

Во 42. минута слободен удар за Енес Барди кој од 25 метри од косо шутираше силно, но српскиот голман изби во корнер. Нашите фудбалери како да се разбудија во самиот финиш од првиот дел кога тежиштето на игра го префрлија пред противничкиот гол, но промена на резултатот немаше.

И двајцата селектори менуваа на стартот од вториот дел. Милевски го стави Ѓорѓев наместо Аврамовски, а Филиповиќ го замени десниот бек Гајиќ кај Србите. Во 50’ минута фаул за нашата селекција на 25 метри, Барди одново сјајно шутираше но голманот на Торино Вања Милинковиќ-Савиќ исфрли во корнер.

Впечаток беше дека подобро го отворивме вториот дел кога полесно ја освојувавме средината отколку во првите 45 минути и добри 10-ина минути имавме сериозна иницијатива. Во 57’ минута Милевски го извади индиспонираниот Бабунски на чие место влезе 17-годишниот Ељиф Елмас.

Тоа се покажа како идеален потег затоа што Елмас беше инцијатор на акцијата после која заслужено добивме пенал по играта со рака на Андрија Живковиќ. Енес Барди беше сигурен реализатор на пеналот кој со игра во второто полувреме го заслуживме.

Малиот Елмас беше главен актер на теренот во продолжение од мечот а неговата добра игра за малку ќе ја крунисаше со нова асистенција кога во 75’ минута го проигра Радески пред противничкиот гол но нашата 9-ка шутираше млако.

Иницијативата од вториот дел вроди со плод во 83’ минута кога Никола Ѓорѓев фантастично тргна во соло продор и со сјаен шут од 20-ина метри постигна еврогол за пресврт 1-2!

Селекторот Милевски погоди и со двете измени, затоа што Елмас го намести првиот гол а Никола Ѓорѓев нè приближи до победата. До крајот ја искористивме и третата измена, Филип Пивковски влезе наместо Радески.

Алексовски имаше чудесна реакција во 88’ минута кога го одбрани шутот на Ожеговиќ, но беше немоќен во 90’ минута. Андрија Живковиќ центрираше од прекин, а Урош Ѓурѓевиќ со глава од втората статива израмни на 2-2.

Многу среќа имавме во судиското продолжение кога Ристиќ високо центрираше а Живковиќ со глава одблизу ја погоди стативата. На крајот Барди имаше одлична можност од слободен удар но шутираше преку голот за конечни 2-2.

После две одиграни кола Шпанија и Португалија имаат по три бода со меч помалку, а Македонија и Србија по бод. Во последното 3. коло од групната фаза Македонија игра против Португалија која вечерва ќе се сретне со Шпанија во ибериското дерби, а Србија ќе игра со Шпанија.