ЕП2017

Македонија играше фудбал, Шпанија се надава голови

Младата репрезентација на Македонија одигра храбро и убаво за око на дебитантскиот настап на Европско првенство, но противникот ги искористи сите шанси и славеше убедливо. Имавме преку 20 шута кон противничкиот гол, но не го постигнавме историскиот прв погодок.

Селекторот Милевски вечерва се реши за составот кој најмногу играше во квалификациите: Алексовски, Бејтулаи, Зајков, Велкоски, Демири, Барди, Николов, Маркоски, Бабунски, Радески и Ангелов.

Од друга страна, шпанскиот селектор и некогашен фудбалер на Реал Мадрид, Алберт Селадес на терен ги прати следните 11: Кепа, Бељерин, Ваљехо, Мере, Гаја, Љоренте, Нигез, Асенсио, Суарез, Делофеу и Сандро Рамирез.

Нашите фудбалери без страв влегоа во мечот против главниот фаворит за титулата и веќе во првите 10 минути Македонија имаше 4 шута кон противничкиот гол.

Шпанија, на наша жал, уште при првиот продор на нашата половина поведе со 0-1 кога фудбалерот на Атлетико Мадрид, Саул Нигез ефектно со ножички го изненади голманот Алексовски кој реагираше неспретно.

Само што се ослободивме од притискот после примениот гол и имавме шанса преку Радески да израмниме, Шпанија тргна во брза полу-контра, Делофеу го помина нашиот голман но Зајков спаси на самата гол-линија, а во истиот напад најдобриот млад фудбалер на Реал Мадрид сезонава, Марко Асенсио (даде гол во финалето на ЛШ), од речиси 30 метри го матираше нашиот голман кој само со поглед го испрати шутот.

И покрај резултатската негатива, Македонија не престана да се надигрува, не беше во подредена положба и на моменти играше „бразилски“ фудбал. Исклучително и конкретно опасни кон противничкиот гол.

Во 26. минута по една соло-акција на Бабунски, Марјан Радески одново се најде во ситуација да постигне гол, но шпанската одбрана го блокираше неговиот шут. На другата страна, Алексовски два пати сјајно интервенираше при ударите на Асенсио и како да ја врати самодовербата после лесно примените голови.

Во ситуација кога се играше отворен и убав фудбал за око, австрискиот судија Лехнер реши да свири пенал за Шпанија при играта со рака на Егзон Бејтулаи во својот шеснаесетник по центаршутот на Гаја. Сигурен реализатор беше детето на Барселона кој сезонава играше на позајмица во Милан, капитенот на У21 Џерар Делофеу.

Во 44’ минута Енес Барди упати неверојатен шут во самиот агол но Кепа одбрани со крајни напори. Немавме среќа и покрај 4-5 сериозни шанси. На паузата се замина со 0-3 за Шпанија, но македонските фудбалери импресионираа со офанзивниот пристап и ги собраа симпатиите на гледачите во Полска (официјално 8,269).

Парадоксално, нашите момци имаа дури 16 шутеви кон противничкиот гол во првиот дел а губеа 0-3.

На полувремето нашиот селектор направи две измени, Кире Маркоски и Виктор Ангелов излегоа од игра а на нивно место на терен истрчаа младиот Ељиф Елмас и Ѓорѓев.

Во првите 10 минути од вториот дел Шпанија ја презеде иницијативата и тоа им вроди со плод во 54’ минута кога Асенсио по еден соло-продор по левата страна, шутираше силно и ја донесе Шпанија во водство од 4-0.

Набрзо повторно немавме среќа затоа што во два напади по ред имавме две зрели шанси. Прво Давид Бабунски зафати волеј кој заврши во пречката, а потоа Николов биеше крај голот на Кепа. На Шпанија не ѝ требаше многу да зголеми и на 5-0. По една исфрлена топка на нашата половина, Демири загуби дуел а Асенсио тргна кон нашиот гол и од 18-ина метри со острата левица постигна нов убав гол.

До крајот „Црвената фурија“ мирно ја држеше топката во свој посед, нашите фудбалери се обидоа да постигнат макар почесен гол кој и тоа како го заслужија вечерва, но не успеаа. Шансата за тоа ќе ја имаат веќе во вторник против селекцијата на Србија.

Група Б, резултати:

Србија - Португалија 0-2 (0-1)
/Гуедеш 37’, Бруно Фернандеш 88’/

Македонија - Шпанија 0-5 (0-3)
/Нигез 10’, Асенсио 16’ 54’ 72’, Делофеу 35’/

Табела:

1. Шпанија 3
2. Португалија 3
3. Србија 0
4. Македонија 0

Следно коло (20. јуни - вторник): Македонија - Србија (18:00), Шпанија - Португалија (20:00)

17 јуни 2017 - 21:28