15 септември 2016-та нека НЕ биде запишан ни со златни ни со никакви букви во македонскиот фудбал бидејќи излезе најновата ранг листа на ФИФА.
Македонската фудбалска репрезентација го оствари најлошиот пласман од осамостојувањето на државата и се најде на 146 позиција. Полошо не можеше да биде. Сега сме и под Луксембург кој важи за тотален аутсајдер во фудбалот. Пред нас се и земји како Таџикистан, Либан, Хонг Конг, Виетнам, Ел Салвадор, Куба.
Ако некој може да се пофали тоа е Боливија која направи скок од 35 позиции за кој може само да сонуваме и сега е 75-та. Фарски Острови со келнери и пожарникари напредна 24 места и се 111-ти.
На лидерската позиција е Аргентина, а по неа следуваат Белгија, Германија, Колумбија, Бразил, Чиле, Португалија, Франција, Уругвај, а во топ 10 влезе и Велс, полуфиналистот од ЕП 2016 кој зад себе ги остави Шпанија 11, Англија 12, Италија 13, Хрватска 14.
Која е нашата следна надеж дека ќе напредуваме? Да ги тепаме Израел и Италија на 6-ти и 9-ти октомври на Филип Втори.