
Пред натпреварот со Барселона, новинар во шега го прашал Диего Симеоне дали ќе отпатуваат со автобус до Барселона (стандардната шега дека Атлетико ќе паркира автобус пред својот гол), а тој одговори во шега дека ќе одат со авион. И се испостави како добар одговор затоа што Атлетико Мадрид буквално полетно го почна дербито како авион: два гола за шест минути!
Хулиан Алварез ги доведе гостите од Мадрид во водство уште во 47-ма секунда. Ова беше четврти гол за Аргентинецот на четирите последни натпревари: гол против Барса даде по двата со Валенсија (0:3) и еден против Реал Мадрид (1:1).
Во 6-та минута Алварез му асистираше и на Гризман за нов гол за Атлетико кој поведе со убедливи 0:2 среде Барселона. Гризман против Барса немаше гол цели осум години. Сега конечно го скрши мразот и тоа пак во полуфинале на шпански Куп.
Но Барселона сезонава не би била тоа што е, лидер во моментов во Ла Лига ако не возврати страшно: во 19-та минута Педри намали на 1-2 на асистенција на Жил Кунде, а во 21-ва минута стоперот Пау Кубарси израмни на 2:2 по корнерот на Рафиња. Ова беше прв погодок за Кубарси на 63 натпревари за Барселона. Има четири асистенции.
Барселона направи и целосен пресврт до крајот на првиот дел што беше шокантно за гостите. Голманот на Атлетико Мадрид Хуан Мусо при еден корнер на Барса имаше лоша проценка а другиот стопер на Барса, Ињиго Мартинез донесе 3:2 во 41-ва минута и огромно славје на трибините.
Рафиња имаше две асистенции од корнер така што го подобри лудиот рекорд сезонава. Има 40 ефективни учиноци односно 24 гола и 16 асистенции во сите натпреварувања за Барселона на 38 меча. Фантастика!
Ламин Јамал во вториот дел после маестрални дриблинзи го пронајде Роберт Левандовски за 4:2. Јамал сезонава има 11 гола и 15 асистенции на 34 натпревари што е исто величествено.
Но Атлетико Мадрид, по нотите на упорниот Диего Симеоне не се предаваше и во самиот финиш направи луд кам-бек! Во 84-та минута Маркос Љоренте намали на 4:3 а во 90+3' минута норвешкиот центарфор Александар Серлот одлично реагираше по еден обид на левиот бек Самуел Лино и ги постави конечните 4-4! Огномет од голови и најава за уште појак реванш во Мадрид на 2-ри април кога ќе се решава патникот во финале.