Минатата недела Европската куќа на фудбалот донесе историска одлука собирот на најдобрите земји од стариот континент за прв пат да биде во 13 земји. По 52 години од почетокот на ова репрезентативно натпреварување, ова ќе биде најголемата организациска промена.
Првиот човек на УЕФА, Мишел Платини како дел од причините за оваа драстична промена го наведе намалувањето на севкупните огромни трошоци на единствената земја домаќин, како што беше до сега, во услови на тешка економска криза која ги зафати европските земји.
„Ова може да претставува успешен модел кој ќе биде од голема корист за земјите домаќини на турнирот. Многу од градовите каде досега се играа европските и светските првенства претрпеа огромни загуби" смета фудбалерот Франц Конигшофер, кој напиша книга за Австрија која беше домаќин на ЕУРО 2008.
Според анализите на Конигшофер новите правила во 2020 година ќе им ги олесни на 13те земји трошоците околу организацијата, но проблем ќе биде изградбата на стадионите кои мораат да бидат со капацитет од минимум 50 илјади седишта.
Украина, Полска, Португалија и Швајцарија имаа проблеми навреме да ги завршат стадионите кои чинат многу пари, а на крајот остануваат неисплатиливи. По завршувањето на Европското првенство за кое биле наменети, истите стадиони потоа не се исполнуваат до крај на спортските натпревари во националните првенства.
Во целата оваа приказна многу важен детал е навивачката атмосфера која според фудбалските критичари може да исчезне, затоа што навивачите во тој случај ќе бидат распрскани во 13 земји. Самите навивачи може да бидат изложени на уште поголеми патни трошоци, за кои често пати се жалат дека се неподносливи, но Платини се надева дека 2020 година ќе донесе поевтин и попрактичен превоз.
Под знак прашалник останува и целата организација од телевизиските права, за кои раководните луѓе на УЕФА не кажаа како ќе бидат решени. Помалите компании во минатото ја критикуваа стратегијата на организаторите во однос на маркетингот, затоа што тешко доаѓале до заработка од ТВ правата.
Светските медиуми отидоа до таму што, се сомневаат дека Платини со ова им се заблагодарува на помалите источни земји кои гласаа за него на изборите во 2007. Неговото заблагодарување тој им го возвраќа со можноста за прв пат да бидам домаќини на еден таков голем елитен фудбалски собир.
Тоа го поврзуваат и со последната афера која ја објави магазинот „Франс Фудбал" за претседателот на УЕФА кој гласал за Катар да биде домаќин на Мундијалот во 2022, а за возврат Шеиците после неколку недели инвестираа во францускиот фудбал, во екипата на ПСЖ.
Кандидатурата за ЕУРО 2020 започнува во Април, а земјите домаќини ќе бидат избрани во септември 2014 година. Тоа ќе биде одлична можнот за анализа, какви ќе бидат капацитетите на 13те идни домаќини кои ќе влезат во историјата и ќе ја одбележат 60 годишнината од ова контитентално натпреварување.