Фабио Кабело во моментов е сам на командата. Откако загуби и од Австрија во Москва во дуел од квалификациите за Евро 2016, Зборнајата е сè подалеку од првите две места кои водат на Европското. Неодамнешните анкети покажале дека огромно мнозинство од Русите сакаат Капело да си замине и да добијат нов селектор.
Сепак и покрај притисокот од сите страни, Фабио Капело е блиндиран со астрономски договор кој му носи 7 милиони евра годишно и за чие раскинување Русите би требале да исплатат дополнителни 21,4 милиони евра. Тоа беше причина повеќе руските навивачи да се организираат и да отворат сајт www.fabiogohome.betfoot.ru, на кој ќе собираат средства за руската федерација да може предвреме да го избрка Италијанецот.
„Драги пријатели, ние веруваме дека сите оние кои се загрижени за судбината на рускиот фудбал, не може да останат индиферентни на последните настапи на нашата репрезентација“, пишува на сајтот кој сака да му го види грбот на Капело.
Во меѓувреме вчера се огласи и в.д. претседателот на рускиот фудбалски сојуз, Никита Симоњан кој не ја отфрли можноста за отказ на Италијанецот. „Не знам уште, ќе дискутираме и за тоа“. Русија во моментов е трета во групата Г, со 8 бодови. Прва е Австрија со 16, втора е Шведска со 12 бодови.
Еден од кандидатите за нов претседател на Руската фудбалска федерација, Николај Толстик изјави дека постои втор договор на Капело со извесни компаниии во Русија, кои го држат на чело на репрезентацијата.
„Го најдовме одговорот зошто Капело ниту еднаш не се пожали што повеќе од пет месеци не зема плата. Според моите сознанија, вториот договор на Капело му носи дополнителни 10 милиони евра кои ги дели со луѓе на кои ништо не им значат резултатите на репрезентацијата", констатираше Толстик.
На обвинувањата одговори и Пјерфилипо Капело, синот на Фабио кој е воедно и негов менаџер.
„Тоа е лудост! Нема ни втор, ни трет, ни четврт, ни петти договор. Фабио Капело има само еден договор, оној со Руската фудбалска федерација. Нема договор со било која друга компанија, лице или организација во Русија", возврати син му на Капело.
Дон Фабио за сега е мирен, затоа што има сигурен договор кој му гарантира и сигурна заработка.