Едсон Арантес до Насименто е роден на 23 октомври 1940-та во бразилскиот град Трес Корасоинс. Градот се наоѓа во државата Минас Жеирас, но тој е израснат во градот Бауру во државата Сао Паоло. Прво го викале Дико, но поради тоа што погрешно го толкувал името на неговиот омилен фудбалер, голманот на Васко де Гама, го заработил името по кое го знае цел свет – Пеле.
За време на школувањето играл за неколку аматерски клубови, а со јуниорите на Бауру освоил три државни првенства по ред: 1954-та, 1955-та и 1956-та. Освен тоа, освоил и неколку трофеи со футсал екипата на Радиум.
После третата титула со Баури, тренерот Валдемар де Брито решил да го донесе Пеле во Сантос, индустриско пристаниште во близина на Сао Паоло, за да се обиде да се избори за договор со тамошниот професионален клуб.
Дебитирал против Коринтијас на 7 септември 1956-та со неполни 16 години и во првата сезона постигнал 7 голови. Еден од неговите 1.281 погодоци во кариерата (бројка во која се вметнати и оние постигнати на пријателски неофицијални) има статус на мит и легенда.
Датумот е 2 август 1959-та на кој првенствен натпревар одиграле Сантос и Атлетико Јувентус. Многу поквалитетниот Сантос водел 3:0 по што следувал момент на магија и мистерија. Зошто мистерија? Затоа што околу 5.000 навивачи, колку што имало според информациите, тој гол на 18 годишниот Пеле го опишале како најдобар на сите времиња.
Целиот малер во приказната е што зборуваме за 1959-та, а не 2019-та во која играчите рака ставаат кога комуницираат. Бељата е во тоа што имало недостаток на камери за тоа да го сними.
По неколку децении, со развојот на технологијата направена е компјутерска симулација врз основа на изјавите на сведоците кои присуствувале на мечот. Зошто е голот наречен магија? Затоа што вакво нешто може да изведе само магионичар.