Васил Рингов за Вардар играше во три наврати: периодот 1977-1983, па 1983-1986 и во шампионската сезона 1986/1987. Настапуваше и за Партизан, Динамо Загреб, Тетекс и во германскиот второлигаш Ајнтрахт Брауншвајг.
Играше во среден ред, ама со офанзивни задачи и затоа има 93 гола на 200 меча за Вардар.
Беше еден од гостите на промоцијата на документарецот за Дарко Панчев, во април 2023-та. Во друштво на Пикси, Савичевиќ и ред други фудбалски легенди, тој го украде шоуто.
Приказните од нивните славни и недораскажани времиња ги редеше набрзина една по друга, а публиката на глас се смееше.

„Дарко живееше на мојата улица во Кисела Вода, тоа е „Пушкинова“. Првиот пат како кадет ме замоли да го возам од тренинг до Кисела Вода, ама дрско и безобразно.
Првата кагва, првиот шамар, пардон, му го залепи тренерот Вукашин Вишњевац додека бевме цимери во Банско.
Првата гужва беше во хотел Парк во Охрид кога изгоре теписонот во собата на Дарко. Вишњевац го нападна затоа што пушел, а јас го убедував дека Дарко не пуши.
Потоа, во Букурешт бевме цимери. Дарко многу сака да пее, знае 1.000 песни, а мојата омилена е Зажмури од Бајага. Гасам светло на полноќ, Дарко почнува да ја пее песната, јас велам браво Даре. И на врата ни тропа Вишњевац. Каде е Дарко? Му велам: Пуши цигара во тоалет“.

И на крај поентираше јако:
„Да скратам. На Црвена Ѕвезда ѝ дадовме еден убав фудбалер кој знае песни. Станавте европски и светски прваци со него. Знам дека е доцна, ама да се пошегувам, требаше да ни дадете дел од премијата“.