МАКЕДОНИЈА ПРОТИВ СЛОВАЧКА ВО ЖИЛИНА
Англија и Словачка се единствените две репрезентации со 100% учинок во досегашниот тек од квалификациите. Словачка игра одличен фудбал откако Јан Козак стана селектор во 2013. година. Словаците во моментов се први со три бода предност во однос на Шпанија, а ја совладаа и третопласираната Украина на гости. Нашата селекција ги загуби речиси сите шанси да стигне макар до баражот. Македонија во моментов има 3 бода и се наоѓа на претпоследното место.
Словаците нè победија 0-2 во Скопје, а реваншот се игра во недела од 20:45 во Жилина.
БЕЛГИЈА ПРОТИВ ВЕЛС ВО КАРДИФ
„Да, може да го освоиме Европското“! беше најчест наслов во белгиските весници на почетокот од неделава, со што Белгијците покажаа дека немаат само Англичаните монопол во преценувањето на пријателските средби, пишува Гардијан.
Белгија во неделата импресивно со 4-3 ја совлада Франција во Париз (водеа 4-1 во еден момент) и со голем ентузијазам одат во Велс. Двојниот стрелец на тој меч, Маруан Фелаини се повреди и ќе го пропушти гостувањето во Кардиф. Првиот меч во Брисел меѓу овие два тима заврши 0-0.
И двете селекции се главни фаворити во групата за првите две места кои директно водат на ЕП во Франција следната година. За Велс тоа би бил историски пласман на едно големо натпреварување. Мечот се игра вечерва од 20:45.
ХОЏСОН ГО СЕДНУВА СТЕРЛИНГ НА КЛУПА
Англискиот селектор, Рој Хоџсон изјави дека го предупредил Стерлинг во однос на слабата форма, поради која напаѓачот беше исвиркан на неделниот дуел со Република Ирска (0-0). Репутацијата на Стерлинг е во драстичен пад, откако ја одби понудата за нов договор со Ливерпул.
На неговото место против Словенија би требало да заигра Тео Волкот кој имаше одличен финиш на сезоната во Арсенал. На 24. мај Волкот постигна хет-трик со ВБА (4-1) и беше најдобар на теренот во финалето на ФА Купот против Астон Вила. Словенија и Англија играат во недела од 18:00.
ХОЛАНДИЈА ВО НЕВОЛЈА
Новиот, проширен систем на квалификации како да не ѝ легна на Холандија, која се соочува со голем притисок. После поразите од Чешка и Исланд, Холандија се намачи со Казахстан во Амстердам кога победи во судиско продолжение. Во 92-та минута од мечот, Холанѓаните славеа и против Турција со голот на Клас-Јан Хунтелар и веќе тогаш беше јасно дека нешто не оди со селекторот Гус Хидинк.
Во моментов Холандија има само 7 бода од можни 15. Чешка е прва со 13, Исланд е втор со 12, а Турција четврта со 5 бодови. Лалињата гостуваат вечерва во Рига, против Латвија која излезе непоразена од дуелите со Турција дома и Чешка Република на гости.
САМИТ НА ЛИДЕРИ ВО ИСЛАНД
Исланд веќе ги победи Холандија и Турција во Рејкјавик во тековните квалификации. Дали Чесите се следни? Чешка потешко од очекувањата го победи Исланд 2-1 во ноември минатата година.
Исланѓаните многу напредуваа под водство на селекторот Ларс Лагербаг (поранешен селектор на Шведска). Исланд игра отворен фудбал со голем посед на топка, а во квалификацииве само Белгија има подобра одбрана од Исланд. Втори во групата А, зад Чешка, Исланд ќе се обиде преку Гилфи Сигурдсон да ја продолжи одличната низа. Фудбалерот на Свонси е прв стрелец на Исланд со 4 гола на 5 средби.
КЛУЧНА ВЕЧЕР ЗА ИЗРАЕЛ ВО ЗЕНИЦА
Иако Герет Бејл ги демолираше во март, Израелците сe уште имаат шанси за пласман на ЕВРО 2016. Во групата Б Израел има два бода помалку од Велс и Белгија и може многу да придобијат од гостувањето против БиХ во Зеница. Во ноември лани, Израел славеше 3-0 против Босанците по што Сафет Сушиќ доби отказ. Новиот селектор Мехмед Баждаревиќ оствари една победа и едно реми, но правиот тест му следува вечерва.
БиХ има 6 бода на петтата позиција, а Израел е трет со 9 бодови. Кипар, кој е четврт со 6 бода има лесно гостување кај Андора.