И покрај тоа што им го уапсија па го ослободија претседателот Еванѓелос Маринакис кој е обвинет за местење натпревари и делегирање судии во грчкиот фудбал, Олимпијакос нормално функционира.
Црвено-белите од Пиреа решија да се солидаризираат со нивниот народ кој минува низ сериозна финансиска криза и да ги намалат цените на картите.
„Минуваме низ незапамтена криза и главната цел за нас е да им ја возвратиме љубовта на нашите навивачи. Сочуствуваме со тоа што се случува со грчкото општество и тешкотиите со кои нашите навивачи се соочуваат. Од таа причина решивме за 50% да ги намалиме цените на сезонските карти. Олимпијакос е финансиски многу силна компанија, но ваквиот развој на настаните нема да помогнат“, изјави Џанис Вренцос, директорот на Олимпијакос.
Управата решила да пушти во продажба 18.000 влезници кои ќе може да се купат од 100 до 170 евра, во зависност од местото на стадионот Јоргос Караискакис. Влезниците ќе важат за натпреварите од првенството и купот на Грција, додека за оние од ЛШ ќе има посебни пакети.