Јан Холовеј е познат како ведар лик кој редовно ја забавува јавноста со неговите изјави и испади и лик кој недостигаше во Премиер лигата. Тој го предводеше Кристал Палас до пласман во Премиер лигата и ќе има тешка задача за да го задржи тимот во елитата, па за да ја исполни својата цел, Холовеј ќе примени и неколку неконвенционални тактики.
Стратегот на Кристал Палас го засили стручниот штаб со поранешниот светски боксерски шампион Глен Кетли кој сега работи како хипнотерапевт.
41-годишниот поранешен боксер кој пред 13 години беше светски шампион, во својата кариера редовно користел хипнотерапија, па по пензионирањето и самиот завршил курс за хипноза и спортска психологија.
Тој сега редовно го посетува тренинг центарот на клубот пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата.
„Холовеј ми рече дека неговите фудбалери се талентирани, но се слаби на психолошки план. Сега редовно ги посетувам и работам со нив. Дел од мојата терапија е и хипноза со која ги доведувам до транс. Мислам дека со тоа ќе им помогнам да елиминираат многу психолошки проблеми", изјави Кетли.