Кралевите “ќе летаат“ со Емирати

Една од најголемите светски авионски компании „Emirates Airlines" го потврди 4 годишниот спонзорски договор со Реал Мадрид вреден 120 милиони евра.

Како што се најавуваше неодамна Реал Мадрид и „Emirates Airline" ја официјализираа 4 годишната соработка која ќе биде промовирана во Дубаи каде се наоѓа седиштето на авиокомпанијата. Тоа значи дека наместо досегашниот спонзор обложувалницата „Bwin", Кралевите од наредната сезона на дресовите ќе го носат името Емирати.

Договорот за спонзорство Реал Мадрид го потврди и на нивниот веб сајт, а за денеска е најавена и свечена церемонија на „Сантијаго Бернабе" каде ќе присустуваат претседателот Флорентино Перез и газдата на Емирати, Шеикот Ахмед бин Саед Ал Мактоум.

Пред 10 дена светската авиокомпанија го продолжи спонзорскиот договор со францускиот шампион Парис Сент Жермен за наредните 5 години, а како што е познато таа ги спонзорира и екипите на Милан и Арсенал на кого му изградија и стадион кој го носи името на компанијата.

Интересно е што Реал Мадрид и Барселона од сезоната 2013/2014 година на дресовите ќе ги имаат двете големи авиокомпании, откако Каталонците потпишаа спонзорски договор со „Qatar Airlines".

30 мај 2013 - 14:49