Крај на една убава бајка - Џејми Варди го напушта Лестер после 13 години

Една од најголемите клупски легенди на Лестер и творец на шампионското чудо во 2016-та година, 38-годишниот Џејми Варди по крајот на сезоната ќе ги напушти „лисиците“, соопшти клубот денес.

Epa images
Epa images
Photo: Epa Images

Приказната за Џејми Варди кој од нисколигашот Флитвуд Таун дојде во Лестер Сити во 2012-та година за 1 милион фунти и стана право фудбалско чудо уште долго ќе се раскажува.

За љубовта меѓу фудбалерот кој ќе забележи неверојатен јубилеј од 500 настапи за Лестер доколку ги доигра макар 4 од последните 5 средби на „лисиците“ сезонава, ќе има документарни серии скоро сигурно.

Џејми Варди со прекрасни голови и асистенции го водеше Лестер до сензационална шампионска титула во Премиер лига во сезоната 2015/2016. Тогаш под водство на стариот италијански лисец Клаудио Раниери Лестер направи право мало светско чудо откако во конкуренција на гигантите Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Челси, заврши прв на табела и го шокираше светот.

Варди на Лестер му донесе и ФА Куп во 2021-ва година. Со своите врвни партии си заработи и 26 настапи за репрезентациајта на Англија а со Лестер на два пати изборуваше и пласман во Премиер лига од страшно тешкиот Чемпионшип.

До денешен ден центарфорот на Лестер Сити постигна 198 гола на 496 настапи во синиот дрес со што е трет најдобар стрелец на вечната листа на Лестер.

Англискиот фудбалер одигра 62 минути во поразот на Лестер од Ливерпул 0-1 во неделата кога екипата и официјално испадна во втора лига (и математички).

Договорот на Варди со Лестер истекува на 30-ти јуни така што тој наскоро ќе биде слободен играч а веќе е познато дека на негова адреса стигнале многу понуди од премиерлигашки екипи.

Во видео објавено на Инстаграм, Варди вели: „Огорчен дека овој ден дојде, но знаев дека ќе дојде. Имав 13 неверојатни години во овој клуб со многу успеси, падови но и големи подеми. Конечно дојде денот поради кој сум скршен.

Но мислам дека времето е право, сакам искрено да ви се заблагодарам на сите што сметавте за еден од вас. Лестер заскеогаш ќе има големо место во моето срце и сигурен сум дека ќе ги следам во годините што доаѓаат и во кои се надевам ќе има повеќе успеси за клубот. Но за сега, ова е мое довидување но ќе ме видите повторно, ви ветувам“.

Сопственикот на Лестер, Ајават Шриваданапраба додал:

„Џејми е уникатен. Тој е посебен играч и уште попосебна личност. Тој е во срцата на секој што е поврзан со Лестер Сити и сигурно го има мојот најдлабок респект после се што освои. Во името на сите во Лестер Сити, му посакувам на Џејми и на неговото семејство се најдобро во иднина и знам дека нашите навивачи ќе ни се придружат во пораките кои тој ги заслужува на крај од сезоната“.

24 април 2025 - 13:28