„Колумбискиот тигар" е син на Радамел Гарсија кој сонувувал дека еден ден неговиот син ќе стане познат фудбалер како него. Тој му го дал неговото име Радамел, а Фалкао е според поранешниот бразилски фудбалер Пауло Роберто Фалкао.
Радамел Фалкао на 11 години добива покана од скаутите на Ајакс. Во Амстердам се запознава со неколку клупски легенди како Едвин ван дер Сар, браќата Де Бур, Јари Литманен и неговиот омилен фудбалер, Михаел Лаудруп. Сепак неговото семејство одлучува дека тој е премногу млад за да се пресели во Холандија и тој се враќа во татковината.
На само 13 години и 112 дена, Фалкао дебитира за клубот Лансерос во колумбиската втора лига, со што станал најмладиот фудбалер во историјата на колумбискиот професионален фудбал.
Следната година се сели во Милионариос (некогашен клуб на легендата на Реал Мадрид, Алфредо Ди Стефано), а на 15 години дебитира во репрезентацијата на Колумбија до 17 години.
Со своите игри на првенствотото на Јужна Америка за фудбалери до 17 години, Фалкао го привлекува вниманието на Ривер Плејт, а овој пат неговиот татко му дозволува да се пресели во Аргентина.
Таму неговата кариера не се развива како што тој очекувал. На 18 години, додека ја чека својата шанса во Ривер Плејт, тој се запишува на студии по новинарство. Следната година добива шанса во првиот тим и ја искористува со два гола против ривалот Индепендиенте.
Фалкао веднаш станува миленик на фановите кои му го даваат прекарот "El Tigre" (тигар), но овој магичен период за младиот Колумбиец траел само шест недели. Во ноември 2005-та година тој ги скина лигаментите, а потоа и ја влоши состојбата откако прерано се врати по повредата и паузираше цели 11 месеци.
По заздравувањето тој се врати на терените во ноември 2006-та година, но тоа не беше истиот "El Tigre" од пред повредата. Во следните девет месеци Фалкао постигна само три гола.
Многумина се сомневаа дека Фалкао никогаш повторно нема да игра во врвна форма, но тој ги демантираше во 2007-та година кога на 16 натпревари постигна 10 гола. Со одличните настапи продолжи и во следните 18 месеци и го привлече вниманието на многу европски клубови и во 2009-та година се пресели во Порто.
На 87 натпревари за Порто тој постигна 72 гола и освои шест трофеи. Минатото лето тој премина во Атлетико Мадрид и многумина коментираа дека тој направил огромна грешка и не потпишал за „поголем" клуб, но тој ги демантираше на најдобар начин.
„По сето тоа што беше кажано кога потпишав за Атлетико Мадрид, сега им покажав дека ништо не е грешка", изјави синоќа Фалкао откако го подигна пехарот од Лига Европа.