До почетокот на Светското првенство има уште 10 дена, но трката за комплетирање на албумот Бразил 2014 на Панини е започната уште одамна.
Италијанската компанија Панини ги прави албумите веќе 50 години, а оваа година нивниот албум има 640 сликици.
Двајца математичари од Швајцарија пресметаа дека за да го пополните целиот албум само со купување на сликички без да се менувате, ќе треба да купите 899 пакетчиња со по 5 сликички кои чинат по 25 денари, односно албумот ќе ве чини вкупно 22.475 денари.
Ова важи само доколку сите сликички се произведени во ист број и се дистрибуирани подеднакво како што тврдат од Панини. Швајцарците во 2010-та година го проверија и тоа. Тие купиле 6.000 сликички од албумот за Светското првенство во 2010-та година кој во Швајцарија имал 660 сликички и очекувале секоја од нив да им се падне по 9,09 пати (6000/660). И пребројувањето им испаднало точно.
Но за да го соберете албумот на тој начин ќе ви требаат многу пари, па затоа мора да се менувате. Во некои земји можете и да ги нарачате последните 50 сликици од фабриката на Панини кои чинат по околу 15 денари. Тоа значи дека ќе треба да соберете 590 сликици. Швајцарците пресметале дека 10 другари кои собираат сликици и се менуваат меѓу себе, за да ги соберат тие 590 сликици пред да нарачуваат, треба да купат вкупно 1.435 пакетчиња.
Крајната математика вели дека за да го соберете албумот на овој начин ќе ви требаат 4337,5 денари.