Кој е клубот кој му нанесе тешка бламажа на Глазгов Ренџерс

Кога знаеш дека си најтрофеен шкотски клуб со 54 титули, 33 Купови и 27 Лига Купови, а те елиминирал некој со постигнат еден гол на меѓународна сцена во историјата, треба да се појавиш пред јавноста со црвенило на образите кое не се брише.

„Ова е нешто што се случува еднаш во животот и ни се случи токму нам. Треба да им се извиниме на навивачите, бидејќи не бодреа и покажаа лојалност“.
Со оваа изјава тренерот на Глазгов Ренџерс, Педро Каишиња се обиде да го опише срамот кој го изеде синоќа пред цел свет и пред 2.000 навивачи на Глазгов Ренџерс кои допатуваа во Луксембург да го бодрат својот клуб во Европа.
 
На Ренџерс му требаа шест години да се врати на меѓународна сцена, но во шест дена ја упропастија работата. Елиминирани се од аматерите по име Прогрес Нидеркорн, екипа која заврши на четврто место во првенството на Луксембург и која има стадион со 4.830 седишта.
 

Веста за срамниот резултат на најтрофејниот шкотскиот клуб брзо го заобиколи светот со наслови дека славниот клуб кој пред девет години играше во финале од Лига Европа, сега загуби од играчи на кои фудбалот им е парт-тајм.
„Не можам да поверувам дека го победивме Ренџерс 2:0. Ова не е можно. Испишавме историја и уште не можам да поверувам. Ова е неверојатно“, изјави тренерот на Прогрес, Амодио.
Ова е сосема нормална изјава на човек кој води клуб со келнери и пожарникари и клуб кој на досегашните 13 средби во Европа заедно со поразот од Глазгов од 1:0 на првиот меч има постигнато само еден и единствен гол.

Тоа се случи пред 34 години кога беа елиминирани од Гленторан, Северна Ирска со вкупни 5:1, во првото коло од Купот на Европски шампиони.
 
На сите меѓународни соочувања Прогрес има три елиминации во првото коло од Куп на УЕФА/Лига Европа: 0:6 од Грасхоперс (1979/1980), 0:4 од Сервет (1982/1983) и 0:3 од Шамрок Роверс (2015/2016) и две во КЕШ/ЛШ: 0:12 од Реал Мадрид (1978/1979) и таа од Гленторан.

На домашна сцена имаат три првенствени титули, но се без освоен трофеј од 1981-ва година. Најтрофејните години им се во 70-те.
 
Ете затоа овој пораз на Ренџерс е еден од најлошите во нивната историја, затоа што загубија од тим со еден постигнат гол и 41 примени на 13 средби во Европа во нивната 98 годишна историја.

Друго и нема што да се напише за клупче со 5 реда историја на Википедија, кое е дел од 145-та земја на рангот на ФИФА, со скор од 4 победи, 8 нерешени и 118 порази во мундијалските квалификации. Темата за репрезентации подобро да не ја чепкаме бидеќи не тепаа 1:0 во квалификациите за ЕП 2016.
 
Фудбалерите на Глазгов Ренџерс три пати ја погодија пречката во вториот дел, но во 2. коло оди Прогрес со вкупен резултат од 2:1. Таму ќе се судри со победникот од дуелот Сент Жозефс од Гибралтар - Лимасол од Кипар.