Династијата Морати во таборот на Интер е долга и стара традиција. Во златиот период од 1955 до 1968 година на чело на клубот бил Анџело Морати, татко на Масимо Морати, додека од 1995 година претседатската фотеља ја има неговиот син кој во 2010 година ги постигна историските резултати.
Токму затоа преговорите помеѓу 68 годишниот Морати кој скоро две децении е сопственик на клубот и кој не сака така лесно да го продаде своето "милениче" и далеку помладиот бизнисмен од него, траат веќе неколку месеци.
Но што се крие зад името Ерик Тохир, кој доаѓа од далечната Индонезија која е оддалечена 10 илјади километри од Италија и зошто сака да биде купи нечија сопственичка структура во Серија А.
Се работи за моќен бизнисмен во подем и еден од најбогатите луѓе во Џакарта, главниот град во Индонезија. Откако до 1998 година бил дел од фамилијарниот бизнис со ресторани, во 2001 година влегува на голема врата во медиумската бизнис сфера.
Заедно со уште тројца партнери ја формираат „Mahaka Group" и стануваат сопственици на три ТВ куќи, четири радио станици, четири весници и 3 магазини, а влегуваат и во маркетинг бизнисот.
Тохир воопшто не е залутан лик и во светот на спортот, туку напротив има голема страст кон него, а на прво место му е кошарката. Сака спортови каде има големи предизвици и конкуренција, а мрази голф и пливање.
Претседател е на Југоисточната кошаркарска федерација во Азија и е еден од сопствениците на Персиб Бандунг, кој е еден од најдобрите кошаркарски тимови во Индонезија. Косопственик е и на два клуба од САД, НБА тимот Филаделфија како и ДС Јунајтед од МЛС лигата.
Ерик Тохир не е единствен богаташ во неговата фамилија. Неговиот татко бил косопственик на компанијата која ги имала ексклузивните права за дистрибуција на големите брендови од автомобилската индустрија Тојота и Пежо.
Индонезискиот милијардер го меркал Интер уште на ланската турнеја во Индонезија и бил импресиониран од пречекот на локалните навивачи. Тоа пак пробудило интерес во клубот за отворање на фудбалска академија која би привлекла многу таленти од оваа земја.
Морати често пати има средби со него и е задоволен од неговиот пријателски пристап, а намерите на Тохир се да понуди околу 260 милиони евра и да купи 80% од сопственоста на Интер. Како што изјави италијанскиот претседател и двајцата имаат исти гледишта за во иднина, а тоа е како финансиски да се засили тимот.
„Италијанскиот фудбал беше со години на победнички патеки во Европа, но никогаш не обрнуваше доволно внимание на финансиите. Луѓето споменуваат долгови, а всушност најголемиот проблем се приходите. Јас сум загрижен за иднината на клубот и мислам дека ова се неопходни ресурси. Влијанието од Азија е многу важно за отворање на нови пазари", рече Морати.
Според биографијата на овој моќен милијардер од далечниот исток, претседателот на Интер може да има сигурност во човекот кој вложува многу пари во спортот. До потпишување на договор Морати и Тохир се многу блиску, а тоа би значело нови инвестиции и нова ера во клубот од „Џузепе Меаца".