СИТЕ РЕКОРДИ ЗА ГОЛОВИ ОД СЛОБОДНИ УДАРИ ВО СЕРИЈА А МУ ПРИПАЃААТ НА МИХАЈЛОВИЌ
Во 2020-та година некогашниот тренер на Лацио и поранешен селектор на репрезентацијата на Англија Свен Јоран Ериксон гостувал во емисијата Monday Night Football. Зборувал на разни теми меѓу кои и златната генерација фудбалери, како и за Алекс Фергусон, Вејн Руни итн. Во еден момент Џејми Карагер го прашал кому би дал да шутира слободен удар ако и има во ист тим, на Бекам или на Синиша Михајловиќ?
„Дефинитивно на Михајловиќ. Он беше неверојатнен! И не само за корнери и слободни удари, неговите додавања од одбрана исто беа неверојатни. Ако Салас или Манчини нешто се бунеа, Синиша им викаше само да замолкнат и да трчат, а топката ќе им долета до нозе. И така и се случи. Неговата левица беше исклучително прецизна“.
Во ’90-те и 2000-те години тој стана стопер со атипичен пас и техника. Денес има прав недостиг на такви левоноги стопери кои знаат прецизно „на тацна“ да најдат свој соиграч во нападот.
„Денес нема такви стопери како мене. Замислете колку би чинел стопер кој почнува напад, дава точен пас на 60 метри, прави по 10 асистенции во сезона и дава два гола од три слободни а притоа има големи јајца. Дури не ме споредувајте со современите ѕвезди кои вредат 80 милиони и заработуваат по 10 милиони евра годишно. Тие би ми ги чистеле копачките“, самоуверено изјавил Синиша Михајловиќ за себе пред неколку години.
Србинот играше во ера на Дел Пјеро, Зидан и Тоти и секогаш беше при самиот врв како најдобар асистент на сезоната.
Синиша Михајловиќ постигна 28 гола од слободен удар за 14 години во Серија А (за Интер, Рома, Лацио и Сампдорија). Тоа до ден-денес е рекорд на лигата. Исто толку голови даде и Андреа Пирло за кого во една прилика Михајловиќ се насмеа дека еден од тие 28 му бил од одбиена од живиот ѕид. Алекс Дел Пјеро постигна 22 гола од директен слободен удар.
Веќе речиси сите знаат и го паметат моментот кога Михајловиќ стана рекордер со хет-трик од слободни удари на еден меч.
„Можеби звучам навистина самобендисано, но никој не изведуваше слободни удари на мое ниво. Дури на 50 години ги кинам пајажините од ќош на пречките. Пирло го повтори мојот рекорд но тој одигра повеќе натпревари во кариерата. На крајот од краиштата, кој уште дал три гола од слободни удари“?
Покрај овие рекорди, Михајловиќ во Серија А ги држи уште и следните:
- 8 гола од слободен во само една сезона
- 13 гола од слободни удари во календарска година
- 28 гола од слободни удари во Серија А
- 66 гола од слободни удари во цела кариера (рекорд во Европа)
КОИ СЕ НАЈДОБРИ ИЗВЕДУВАЧИ НА СЛОБОДНИ УДАРИ?
Еднаш Британците го прашале Џанфранко Ѕола кој подобро изведувал слободни удари, тој или Бекам? Италијанецот од Челси рекол: „Тешко прашање. Мислам дека јас подобро изведував од поблиско растојание, а Бекс од подалеку. Но имаше еден играч кој изведуваше подобро од нас двајца - Синиша Михајловиќ. Тој шутираше со неверојатна прецизност. Небитно дали од далеку или близу, топката завршуваше во мрежа“.
Миха постигна 66 гола од слободни за време на целата кариера во Италија, во Војводина и во Црвена Звезда. Повеќе од него имаат дадено тројца фудбалери: легендата на Бетис, Асунсао, генијалниот Жунињо Пернамбукано и неговиот учител Марселињо Кариока.
НАЈДОБРИ ГОЛГЕТЕРИ ОД СЛОБОДНИ УДАРИ:
1. Марселињо Кариока - 75 гола (892 натпревари)
2. Жунињо Пернамбукано - 71 гол (856 меча)
3. Маркос Асунсао - 68 гола (?)
4. Синиша Михајловиќ - 66 гола (637 натпревари)
5. Диего Марадона - 61 гол (680 меча)
6. Лео Меси - 60 гола (1.025 меча)
7. Роналдињо - 59 гола (796 натпревари)
8. Рожерио Сени - 59 гола (1.266 натпревари)
9. Кристијано Роналдо - 57 гола (1.145 натпревари)
10. Дејвид Бекам - 54 гола (845 натпревари)
Од приложеното се гледа дека Михајловиќ одиграл далеку помалку натпревари од сите други во Топ10. Притоа, за неговите неверојатни 66 погодоци му требале помалку обиди отколку на конкурентите, а во крајната пресметка не му се сметаат погодоците во првиот, матичен клуб Борово кој играл во пониските лиги на СФРЈ.
Во 1999-та тој дал дури 13 гола од 21 слободен удар. Не преувеличувал нималку кога рекол дека дава 2 од 3 изведени. За споредба, Лео Меси во најдобрата сезона на слободни удари за него, во 2018/2019 постигнал 8 гола од 51 обид во Лига на шампиони и Ла Лига.
Михајловиќ постигнуваше голови во ера кога немаше спрејови и кога живиот ѕид по судиските мерења, често се поместуваше кон напред, што сега е невозможна ситуација во време на ВАР снимки и сè останато.