Тимот на Реал Мадрид во сезоната 2004/2005 го красеа имиња како Касиљас, Карлос, Самуел Зидан, Бекам, Фиго, Роналдо, Раул, Овен, но ниту еден од овие ѕвезди не беше во центарот на вниманието кога таа сезона ѝ гостуваа на Севиља.
Флорентино Перез седнат во ложата и убеден дека тоа ќе бидат лесни три бода на гости се запозна со дефанзивецот без кој во последниве 12 години не може да се замисли дефанзивниот ред на Реал Мадрид.
Младиот Рамос, тогаш 18 годишен и префрлен од Севиља Б во првиот тим, се местеше да изведува слободен удар од далечина од која од тие 22-ца на терен, би требало да може да погоди само Роберто Карлос.
Икер Касиљас направи голема грешка и на жив ѕид остави само двајца играчи, Бекам и Зидан кои беа гледачи на еден од најубавите голови во кариерата на Рамос. Бомба од 40 метри и тоа ниско и неодбранливо за тогаш еден од најдобрите голмани во светот. Топката не се сврте ниту сантиметар.
Камерите ни ја доловија реакцијата на скиснатиот Перез кој веќе наредното лето го одврза чекмеџето и извади 27 милиони евра со што го направи Рамос најскап тинејџер од Шпанија и единствен трансфер на домашен играч во неговиот прв мандат во Кралскиот клуб.
Серхио Рамос го грабна бројот 4 кој претходно го носеше легендарниот Фернандо Јеро и се бетонираше во Мадрид веќе 12 сезони во кои освои 13 трофеи.
За столбот на одбраната на Реал Мадрид има една анегдота раскажана од нашиот Иван Тричковски кој прв пат влегол во дуел со него кога како играч на Апоел се сретнале во четврфиналето од ЛШ, сезона 2011/2012.
„Не се чува тој човек, не можеш да го поместиш од место од што е цврст“.