Главната причина за воведување на овие правила е за да се спречи пропаѓањето на клубови како Портсмут и Ренџерс кои премногу трошеле и не можат да си ги покријат долговите, но и да се спречи неограниченото трошење како што тоа го прават Челси, Манчестер Сити и ПСЖ.
На кратко, финансискиот фер плеј може да се опише како дозвола за клубовите да трошат колку што имаат или по нашки кажано „да ги пуштаат нозете колку што им е долга чергата".
УЕФА сака да ги мотивира клубовите повеќе да инвестираат во својата инфраструктура и младинските академии, па така парите кои се инвестираат во стадионите и младинскиот развој нема да се сметаат како трошоци.
Санкциите за прекршителите на правилата од финансискиот фер плеј ќе започнат од сезоната 2013/14 кога УЕФА ќе ги прегледува сметките на клубовите за претходните две сезони. Тоа значи дека клубовите веќе треба да внимаваат околу трошењето.
Во тој период од три сезони клубовите ќе смеат да потрошат 45 милиони евра повеќе од нивната заработка, до сезоната 2017/18 оваа сума ќе се намали на 30 милиони евра.
Но проблемот е што клубовите веќе најдоа дупки во законите. Спонзорствата на клубовите се сметаат за остварен профит, па веќе започнаа матните зделки.
Манчестер Сити потпиша спонзорски договор до Етихад Ервејс со вредност од 400 милиони фунти, а оваа авиокомпанија е во сопственост на кралската фамилија од Обединетите Арапски Емирати, чиј член е и шеикот Мансур, сопственикот на Манчестер Сити. Така шеикот на легален начин од една своја компанија си префрли 400 милиони фунти како спонзорство за клубот и сега овие пари ќе се сметаат како остварен профит и Манчестер Сити ќе може да ги троши за трансфери.
Истото го прават и ПСЖ, Челси и многу други големи клубови и тоа е легално според правилата на УЕФА.
А која е казната за прекршителите? Исфрлање од европските натпреварувања. Но дури и ако има некој клуб кој ги прекршил правилата, УЕФА можеби ќе му прогледа низ прсти. Според правилникот на финансискиот фер плеј, УЕФА може да ми прости на клубовите кои имале големи договори за плати со играчите потпишани пред јуни 2010, но и на оние клубови кои покажале тенденција за намалување на трошоците.