
ИФАБ е формиран во 1886-та година од страна на фудбалските асоцијации на Англија, Шкотска, Велс и Ирска, а нивните правила се прифатени од страна на ФИФА од нивното формирање во 1904-та година. Четирите асоцијации од Велика Британија заедно со уште четири претставници на ФИФА се задолжени за регулирање на правилата и тие на следното заседание кое ќе се одржи на почетокот на март во Единбург ќе дискутираат за промени кои ќе придонесат за подобрување на фудбалската игра.
На состанокот ќе биде дискутирано за влијанието на петте судии кои се користат на натпреварите од Лигата на шампиони, Лига Европа и Европското првенство, како и воведувањето на новите технологии на гол линијата.
Дел од заседанието ќе биде и дискусијата околу промените на правилата при офсајд и судиското уфрлување на топката.
Членовите на ИФАБ ќе дискутираат во врска со промена, односно појаснување на правилото за досудување на офсајд и влијанието на напаѓачот при пасивен офсајд.
Ќе биде разгледано и правилото за судиското уфрлување на топката, односно можноста за постигнување на гол по истото. Оваа дискусија ќе се отвори заради контроверзниот гол на Шахтер против Нордсјеланд во Лигата на шампиони.