Ќе има ли хрватско-шпански договор?

На натпреварите помеѓу Шпанија и Хрватска, односно Италија и Ирска ќе се одлучат патниците од групата Ц во четврт-финалето на Европското првенство. Ќе одиграат ли Хрватска и Шпанија со резултат кој ќе ја елиминира Италија?

Шанса за пласман во четврт-финалето на Европското првенство од групата Ц имаат Шпанија, Хрватска и Италија, а постојат многу комбинации на резултати од вечерашните два натпревари за патниците во следната фаза, но едно е јасно. Доколку Шпанија и Хрватска одиграат нерешено 2:2 или 3:3, тогаш Италија ќе биде елиминирана без разлика на нивната победа над Ирска.

Хрватите и Шпанците уверуваат дека ќе одиграат чесно, но во Италија се плашат дека може да се повтори Европското првенство во 2004-та кога Данска и Шведска одиграа 2:2, резултат кој им беше доволен на двете селекции да заминат во вториот круг, а тие да се вратат дома.

Резултатот 2:2 е возможен исто како и 1:0 или 0:1. Се ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат работите на теренот. Но, едно е јасно нема пакт меѓу двете репрезентации да се елиминира Италија. Ние ќе одиме на победа, а сметам дека истото ќе го направат и Хрватите", изјави дефанзивецот во шпанскиот состав, Раул Албиол.

Ние сме спортисти, родители, доаѓаме од католичка земја. Не размислуваме за такви работи и мене ми е глупо воопшто и да зборам на оваа тема. Цела Италија, но и Европа може да биде мирна. Нема да наместиме резултат кој ни одговара", изјави селекторот на Хрватска, Славен Билиќ.

Но така не мисли и поранешниот селектор на Италија, Марчело Липи.

Нормално е тоа што пред натпреварот сите изјавуваат дека ќе одат на победа, но кога ќе почне дуелот сите ќе водат сметка само за своите лични интереси. На нив им одговара 2:2 или 3:3, па така најверојатно и ќе биде", изјави Липи за медиумите во Италија.

А комбинациите се:

18 јуни 2012 - 13:33