Ќе ги купат за малку, ги вреднуваат многу па ги препродаваат за една година

Францускиот репрезентативец Н`Голо Канте е само еден од фудбалерите кои низ историјата направиле скап трансфер по само една фантастично одиграна сезона. Примери има многу, ќарот е голем, а дали толку вредат е тешко за анализирање.

НАЈСВЕЖИ ПРИМЕРИ

Трансферот на Канте во Челси е пракса на многу клубови кои вадат многу пари за играч кој зад себе имал само една извонредна сезона. Беше еден од протагонистите на Лестер кој ја испиша историјата во Премиер лигата и сега замина во Челси за 38 милиони евра, откако претходно беше купен од Каен за 9 милиони.

Во касата на Лестер тоа се чисти 29 милиони само од овој играч, што не е воопшто лошо, иако на Раниери сигурно нема да му биде по ќеиф што во новата сезона во среден ред ќе го нема наследниот на Макелеле.

Овој пример не е прв во фудбалот еден играч толку многу да си ја качи цената за само една сезона. Претходно Тотенхем инвестираше 22 милиони евра за холандскиот напаѓач Винсент Јахнсес, а парите ги лапна Аз Алкмар кој го купи за 500 илјади евра.

Свеж е и примерот со Ерик Баји. Стоперот на Виљареал и репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска направи трансфер во Манчестер Јунајтед вреден 40 милиони евра, небаре тоа е идниот Фердинанд или Видиќ. За тие вложени пари мора да биде, инаку не ги заслужува парите. Претходно Виљареал го купи од Еспањол за 5,7 милиони евра.

40 милиони евра летово за еден играч извади и Ливерпул. Се работи за Садио Мане кого го купија од Саутемптон и го направија најскап играч во историјата на Африка. Претходно Саутемптон го донесе од Ред Бул Салцбург за 14 милиони.

Актуелен е и случајот со Мартин Де Рон. Аталанта лани го купи од Херенвен за 1,3 милиони евра, а пред две недели му го продаде на новиот премиерлигаш Мидлсброу кој за играчот од среден ред плати 15 милиони евра.

ПОСТАРИ ПРИМЕРИ

Способен за вреднување играчи кои ќе одиграат само една добра сезона е спортскиот директор на Рома, Валтер Сабатини. Бразилскиот бек Маркињос го купи од Коринтијас за 5,7 милиони евра, па му го продаде на ПСЖ за 32 милиони.

Дел од парите ги вложи во Бенатиа од Удинезе кој го купи за 13 милиони евра, одигра топ сезона за Рома и потоа на Баерн Минхен му го продаде за 28 милиони евра. Репрезентативецот на Мароко од летово оди на позајмица во Јувентус.

Италија го памети и примерот на Бобо Виери кој со секоја одлично одиграна сезона ја качуваше вредноста. Во 1996-та од Аталанта во Јуве премина за 2,5 милиони евра. Во 1997-ма од Јуве во Атлетико Мадрид за 15 милиони евра. Од Атлетико во Лацио во 98-ма за 25 милиони евра и од Лацио во Интер во 99-та за 45 милиони евра.

Од тоа време за една сезона речиси двојно поскап трансфер направи и Хуан Себастијан Верон. Парма во сезоната 1998/1999 го купи за 17,5 милиони евра и следната година му го продаде на Лацио за 30. Не толку одамна е и примерот со Тијаго Мота кој во Џенова замина за без пари, а потоа замина во Интер за 10 милиони евра.

ДОЛГА Е ЛИСТАТА

Хамес Родригез на пример имаше одличен Мундијал со Колумбија пред две години и потоа Реал за него искешира 75 милиони евра.

Виљареал го купи Мартин Касерес за 900 илјади вера и следната година му го продаде на Барселона за 16,5 милиони. Кевин Де Брујне од Челси во Волфсбург премина за 22 милиони евра, а потоа во Манчестер Сити за 74 милиони.

Николас Отаменди од Порто во Валенсија за 14 милиони, а потоа во Манчестер Сити за 44 милиони. Кондогбија од Ленс во Севиља за 4 милиони евра, а потоа во Монако за 20.

Дидие Дрогба од Генгамп во Марсеј во 2003-та направи трансфер за 6 милиони евра, а потоа Челси за него извади 38,5 милиони. Инвестиција за која нема никогаш да се каат во Лондон.

18 јули 2016 - 13:47