Касано ослабе 10 кг и бара да игра на Светско

Талентот од Бари, епитет по кој е познат и на 31 година, викендов одбележа јубилејни 100 голови во Серија А. Во кариерата имаше славни, но и контроверзни моменти, но сега тврди дека е целосно сменет и дека ќе биде најсреќен човек на светот ако игра на СП во Бразил.

Антонио Касано е можеби единствениот фудбалер кој одбил да прими награда затоа што го мрзело да оди и да ја подигне. Претседателот на Сампдорија по еден натпревар му пријде во соблекувалната и го извести дека го чека признание од градот за неговите вложувања и одлични партии за синиот дрес.

Тој го избра најлошиот одговор, го отера по ѓаволите првиот човек на Сампдорија, Рикардо Гароне и со тоа си ја запечати судбината во клубот во кој беше ценет и во кој заедно со Пацини беа еден од најдобрите тандеми во нападот во Серија А во периодот од 2009 до 2011 година.

Откако беше избркан од Сампдорија се пресели во Милано каде го носеше дресот на Милан, а потоа и на Интер. Неговиот седми избор е екипата на Парма каде повторно во нападот има искусен соиграч, а тоа е Амаури.

Во четвртото коло на натпреварот против Катанија, тренерот Алберто Донадони го извади од игра на полувремето и кога сите очекуваа дека ќе избувне и ќе влезе во расправија тој се извини.

„Грешев до сега и не дадов ништо за клубот на стартот од сезоната, но веќе нема да биде така и од сега ќе играм по други ноти", рече италијанскиот напаѓач.

Првата промена се неговите вишок килограми, проблем кој го имаше и додека настапуваше во Реал Мадрид, па така за четири месеци престој во Парма од 91 се симна на 81 килограм.

Неговиот учинок веќе е видлив и до сега постигна шест гола, од кои пет на последните осум натпревари. Минатото коло со погодок го реши Наполи и тоа на гости, а овој викенд против Болоња го спаси својот тим од пораз и го постигна 100-от гол во Серија А.

Во досегашниот престој во Парма фудбалерот со тежок и специфичен карактер не влезе во ниту една од неговите препознатливи кавги со судија, противнички играч, тренер или функционер на клуб и сега има нова цел, а тоа е да се докаже за Мундијалот во Бразил.

3 декември 2013 - 22:07