
Памети ли историјата на УЕФА натпреварувањата вакво европско финале до сега? Во Лига Европа за трофеј ќе се борат 16-от против 17-от на табела од Премиер лига. Веројатно нешто невидено до сега.
Под овие две места на табела се Лестер, Ипсвич и Саутемптон, кои инаку испаднаа во втора лига.
Тешко дека некој може да даде објаснување што се случи со Манчестер Јунајтед и Тотенхем сезонава и како e можно да играат толку мизерно во Премиер лига, а вечерва да се борат за европски трофеј.
Манчестер Јунајтед брои 18 порази сезонава и смени тренер. Два и кусур месеци се немаат израдувано на триумф во првенство. Тоа се случи на 16 март кога го совладаа Лестер на гости 0:3. Од тогаш имаат 6 порази и 2 нерешени.
Во Лига Европа пак се непобедливи. Групата ја минаа со 5 победи и 3 нерешени, а во нокаут фаза ги минаа Реал Сосиедад, Лион и Атлетик Билбао и тоа без пораз.
Тотенхем нема победа во Премиер лига од 6 април. Последната им е над Саутемптон со 3:1. Од тогаш имаат 5 порази и едно реми.
Во Лига Европа загубија само два пати, по еднаш во група и нокаут фаза. Ги елиминираа Аз Алкмар, Ајнтрахт Франкфурт и Бодо Глимт.
Јунајтед го брка вториот трофеј во ЛE. Првиот им е со Мурињо во 2017-та по што гостуваа во Скопје во Супер Купот на Европа. Тотенхем оди на трет после оние во 1972-ра и 1984-та.
Една од овие две екипи вечерва ќе ја спаси сезоната, бидејќи ќе освои европски трофеј и ќе обезбеди директен пласман во Лига на шампиони. Другите ќе бидат лузери за сите пари.