На крајот од сезоната 2006/2007, последна пред доаѓањето на богатите шеици, Сити заврши: 14-ти во Премиер лига, испадна во четвртфинале на ФА Купот од Блекбурн а од Лига Купот тимот на Стјуарт Пирс испадна од претставник на Лига 1, Честерфилд.
На крајот од сезоната, екипата ја презеде Свен-Горан Ериксон којшто се врати на клупската работа по искуството селектор на Англија.
Да тргнеме со ред:
Андреас Исаксон
Љубителите на Чемпионшип Менаџер добро го паметат шведскиот голман. Во 2000-та тој премина од скромниот шведски Трелеборг во Јувентус. Една година седеше на клупата како замена за незаменливиот Едвин Ван Дер Сар и вториот голман Микеле Рампуља, па се врати во Шведска каде потпиша со Дјургарден.
Во 2004 година замина во Рен како алтернатива за Петр Чех. После две фантастични сезони во Франција го купи Сити како замена за Дејвид Џејмс.
Потоа 4 години Исаксон мина во ПСВ Ајндховен и Касимпаша од каде во 2016 се врати во татковината (Дјургарден). За репрезентацијата на Шведска забележа 133 настапи пред да се повлече лани.
Џо Харт
Него го ископаа од клубот Шрузбери Таун и во 2006 го донеле во Манчестер. Во првата сезона слабо бил на теренот но потоа стана стандарден голман во првиот тим на Сити, место коешто не го загуби ни со доаѓањето на многу пари во клубот.
Новата ера на голмани кои повеќе играат со нозете како да го тргна Џо Харт на страна, но навивачите на Сити и денес по убаво го паметат.
Каспер Шмајхел
Да, и Шмајхел беше таму, иако за волја на вистината најмногу во резервната екипа. Во сезоната не одигра ниту еден меч а го праќаа на позајмица во Дарлингтон и Бјури.
Мика Ричардс
Првиот десен бек таа сезона во Сити. Му немаше рамен и Ричардс играше стандардно добро за што го викнаа и во репрезентацијата. Во 2007-ма стана дури и капитен на екипата.
Кој би помислил дека кариерата на Мика Ричард така нагло ќе падне? Во 2009 година закачил свински грип на одмор во Кипар, а во 2012 ја освои Премиер лигата. Набрзо Пабло Забалета го истисна од составот по што Мика отиде на позајмица во Фиорентина.
Од Фиренца се врати во родната Астон Вила (роден е во Бирмингем). Денес Вила е 9-та во Чемпионшип а Мика досега одиграл само два меча.
Силвен Дистан
Во Сити дојде во 2002-ра од ПСЖ за 4 милиони фунти - рекордна сума за одбранбен играч којшто до тогаш ја дал Сити (не се смејте).
Дистан стана најдбриот играч на Сити во сезоната, следната година стана и капитен а во сезоната 2006/2007 настапи на 37 од 38 натпревари. После две години играше за Портсмут и 6 недоволно јаки сезони во Евертон. Последен клуб во кариерата му беше Борнмут после кој на 39 години замина во заслужена пензија.
Ричард Дан
Откако мина 9 години во Манчестер Сити, Ирецот стана легенда на овој клуб. Со „граѓаните“ преживеа испаѓање во втора лига и враќање во Премиер, конфликт со Кевин Киген, стана најдобар играч во избор на навивачите 4 години по ред, ја доби капитенската лента по заминувањето на Дистен и уште две години беше во богатиот Сити.
Потоа следните 4 години играше во Астон Вила, 2 во КПР и на крај ја заврши кариерата на 36.
Хатем Трабелси
Го памтите ли Ајакс од почетокот на ’2000-те? Ван Дер Варт, Снајдер, Златан, Бабел, Пиенар, Најџел Де Јонг... Хатем Трабелси.
Во 2004 година овој играч по блескавата сезона во Амстердам, дојде на проба во Арсенал. Му се допаднал на Венгер, клубовите договориле трансфер, Pro Evolution Soccer 4 го стави во составот на „Топџиите“ но Трабелси на крајот решил дека му се останува во Ајакс. Во 2006-та премина во Сити, му даде страшен гол на Ван Дер Сар а потоа не можеше во конкуренција со Мика Ричардс и Недум Онуоха по десната страна. Во 2007-ма му заврши договорот и од тогаш никој не го виде.
Дени Милс
Професионалната кариера на Дени Милс започнала на 18 години и после 4 сезони во Норвич и Чарлтон тој за 4 милиони фунти стигнал во Лидс. И тоа во оној Лидс кој стигна до полуфиналето на Лига на шампиони а самиот Милс дебитираше на мечот каде Барса ги размонтира Англичаните со 4-0.
Но после финансискиот крах, клубот бил должен да го продаде Дени, а Сити со задоволство го купил. Во Манчестер го прекомандувале од десен бек на стопер. Но за целиот престој во Сити тој само во првата сезона бил стартер а потоа го ротирале. Во 2007-ма го прогласија за одвишок и го позајмуваа во Хал, Чарлтон и Дерби. Со фудбалот заврши на 31 година.
Клаудио Рејна
Најперспективниот американски фудбалер во историјата после Лендон Донован. Рејна одигра 112 меча за репрезентацијата на САД, но во Америка играше само една година и тоа на крајот на кариерата. А почна во Баер Леверкузен па 2 години играше во Волфсбург а најдобар фудбал покажа во 2-те силни сезони во Ренџерс со Дик Адвокат. Потоа играше и за Сандерленд па дојде во Сити.
Повредите му сметаа да игра повеќе па заврши во Њујорк Ред Булс.
Дитмар Хаман
Во Сити Германецот дојде некако да се доигра после 6 „стани-пани“ сезони во Ливерпул со кој ја освои Лигата на шампионите па го прогласија за непотребен. Во Сити беше полезен цели 3 сезони а кариерата ја заврши во нисколигашот Милтон Кејнс Донс.
Џои Бартон
Главната бараба на англискиот фудбал човек кој пушел цигари на полувреме, соблекувал гола задница на противничките навивачи и најдобар спаринг партнер за сите ривали.
Отсекогаш беше симбол на типичниот груб англиски фудбал и затоа навивачите го сакаа. Тој е дете на Манчестер Сити но многу луѓе од управата на клубот не можеле да го трпат неговото однесување па во 2007-ма го продадоа во Њукасл.
Георгиос Самарас
Најголемата ѕвезда на грчкиот фудбал после Европското 2004 и сензационалната титула. Самарас е дете на холандски Херенвен од каде во 2006-та стигна во Манчестер Сити. За 2 сезони најдобро одигра против Вест Хем кога даде два гола. Од Англија премина во соседната Шкотска каде во Селтик за 6 сезони имаше одлични 48 гола за 158 меча и трофеи во сите можни домашни натпреварувања.
Потоа се враќаше во Англија, па во Шпанија а летово замина во турското првенство.
Бернардо Коради
Најинтересен момент во кариерата на Коради бил неговиот почеток во Верона каде во две сезони во дресот на Киево се изнадава голови.
Од таму замина за големиот Лацио каде од составот ги истисна Енрико Киеза и Симоне Инзаги. Во 2004-та година Клаудио Раниери како тренер на Валенсија реши да го побара и Коради како дел од трансферот на Гаизка Мендиета на „Олимпико“ (После три години Лацио уште го немаше исплатено трансферот на Мендиета па го дадоа и Стефано Фиоре на „Местаља“).
Но во Шпанија ништо не му одеше - ниту на Коради ниту на Раниери. Во 2006-та Бернардо реши да се проба во Премиер лигата но на англиско тло даде само 3 гола на 25 меча. Во 2007 година се врати во Италија, во почеток на позајмица во Парма а потоа во Реџина и Удинезе. На крајот за заврши кариерата во американскиот МЛС.
Дариус Васел
Го паметите убиствениот ливерпулски тандем Овен - Хески? Епа трет избор којшто менуваше еден од нив во англиската репрезентација беше Дариус Васел кој го викаа Suber Sub (супер замена). Роден во Бирмингем и отсекогаш бил навивач на Астон Вила каде и ги поминал првите 7 години од кариерата. Во 2005-та година преминал во Манчестер каде не се снајде најдобро и за цела сезона 2006/2007 даде само 3 гола.
Ериксон го проба Васел во средниот ред но ни тоа не проработи па го продаде во Турција. Кариерата Дариус ја заврши во Лестер.
Даниел Стариџ
Во сезоната 2006/2007 беше резерва во Манчестер Сити. Ниту Пирс ниту Свен-Горан Ериксон не му даваа многу време но и покрај тоа ја доби наградата од навивачите во изборот за најдобар млад играч. Тој отсекогаш беше талентиран играч но повредите не му дозволија порано да стане ѕвезда.
Покрај нив во Сити оваа сезона последна пред доаѓањето на богатите шеици играа уште и:
ДаМаркус Бизли - дојде на позајмица, за 6 месеци настапи на 18 меча и даде 3 гола;
Мајкл Џонсон - Одигра 10 меча таа сезона. И покрај неверојатниот талент не се проби во првите 11 никога и жално поради повреда во 2012 година на само 24 години ја заврши кариерата.
Стивен Ајрленд - дете на Сити којшто на 19 години стана стандарден првотимец но не можеше во конкуренција со Најџел Де Јонг, Компани и Виера. Сега игра за Стоук.
Пол Диков - после доволно богата кариера дојде во Сити на возраст од 34 години и за една сезона одигра 9 меча без ниту еден постигнат гол.
Недум Онуоха - уште еден воспитаник на Ман Сити кој секогаш беше во ротацијата. Во сезоната 2006/2007 одигра 18 меча а денес настапува за КПР.