Како славниот Малдини од сенка изгради шампионски Милан со победнички менталитет

Паоло Малдини е најголема легенда на Милан на теренот, а по освојувањето на Скудетото почна да гради статус на легенда и надвор од него. Неговата филозофијата е јасна: Ниту еден играч не е поважен од Милан. И кој може подобро да ја пренесе таа порака од Малдини.

Да се ​​биде најпопуларен играч во историјата на еден клуб во кој ја посветувате цела кариера е голема одговорност. Многу легенди го знаат тоа, а Малдини го знае повеќе од сите. Кога иконата на Милан се повлече од фудбалот во 2009 година, Карло Анчелоти му понуди да работи со него во Челзи, но тој одби. Низ годините многупати, и официјално и неофицијално, бараа да се врати во Милан. Тој никогаш не кажа да, сè до клучниот момент во 2018 година.

Паоло Малдини не заврши со пишувањето историја во Милан, само требаше да го почека вистинскиот момент. Моментот дојде кога Леонардо, уште еден поранешен играч и тренер на Милан се врати за да стане спортски директор. Тој го убеди Малдини да стане шеф на стратешкиот развој во клубот. Првата сезона собираше искуство и работеше во сенка. 

Во неговата биографијата „1041“, рече дека се чувствувал неподобен да го придружува Леонардо во првите шест месеци. 

„Знаев многу работи и веќе имав многу идеи. Но во пракса морав да научам нова работа. Мислам дека навистина почнав да давам свој придонес кога Лео ми кажа дека заминува. Тогаш си реков `Што ќe се случува сега у пм`.

„Не се чувствував безбедно кога требаше да преговарам со агенти и клубови. Потоа почнав да го правам тоа сам и тоа стана најприродната работа во светот. Сфатив што треба да зборувам, а што не. Како да го сменам регистарот врз основа на соговорникот, со оние со кои треба јасно да зборуваш и оние со кои треба да користиш повеќе дипломатија. Ако отсекогаш си бил во овој свет и користиш здрав разум овие работи се многу лесни. И убаво е да ги правиш".

Многу работи лежат во овој негов цитат. Својата смиреност Малдини ја пренесува на терен, а и меѓу луѓето околу него. Тој е човек кој мисли и работи на идеите, без да чувствува притисок од надвор и е дел можеби од најпобедчкиот циклус во историјата на италијанскиот фудбал кој сака да го повтори како директор на клубот.

Од 2019 година е технички директор, тесно соработувајќи со извршниот директор Иван Газидис и особено со Фредерик Масара (спортски директор) и Џефри Монкада (шеф на скаутинг).

Работејќи заедно, оваа група создаде нов циклус на успех, враќајќи го тимот на врвот по неколку тешки години. Тоа што го направи Малдини  откако ја започна својата нова улога во клубот треба да се нагласи. Веруваше во Стефано Пиоли уште од почетокот, потоа го штитеше и го поддржуваше, дури и додека Газидис работеше да го донесе Ралф Рангник. 

Евентуалното доаѓање на германскиот стратег можеше да го означи и крајот на кам бекот на Малдини. Сепак, работите понекогаш не одат како што се очекува. Во летото 2020 година по првата појава на Ковид, Росонерите заиграа добро и резултатите почнаа да пристигнуваат. Газидис беше паметен да сфати дека Пиоли е вистинскиот човек и се предомисли. Тоа беше клучен момент за изградба на тимот кој стигна до Скудетото.

Потоа дојдоа клучните потписи.

Најважниот речиси сигурно беше оној на Златан Ибрахимовиќ, не само поради неговото влијание на теренот, туку и поради исто толку важното влијание во соблекувалната. Ибрахимовиќ се врати во Милан со истиот победнички менталитет што го имаше во текот на цела кариера. Актуелниот ростер на Милан главно се состои од млади играчи, но Златан беше вистинскиот човек на вистинското место во вистинско време. Им требаше лидер, некој што може да ги вози. Ибрахимовиќ беше еден вид гаранција дека Милан се враќа. Само им требаше уште малку време да работат заедно.

Едно од првите засилувања на Малдини беше летото 2019 година, кога тој лично го убеди Тео Хернандез да му се приклучи на клубот. Одлета на Ибица каде поранешниот бек на Реал Мадрид беше на одмор и по неколку разговори го договори. Денес тој се смета за еден од најдобрите играчи во лигата, а тогаш тој беше друга приказна. Малдини и клубот го знаеја потенцијалот на играчот и веруваа дека може да стане тоа што е денес.

Росонерите се исто така многу внимателни кога станува збор за продолжување на договорите. Лани одлучија да ги пуштат клучните играчи како Донарума и Чалханоглу и решија да ангажираат други за да ги заменат, наместо да фрлаат повеќе пари отколку што мислеле дека вредат. Не беа тоа лесни одлуки, особено за Донарума со оглед на тоа што е и стартер во италијанската репрезентација и дел од младинскиот сектор на клубот. Сепак, филозофијата на Малдини е јасна, ниту еден играч не е поважен од Милан. И кој може подобро да ја пренесе таа порака од Малдини.

Откако не можеа да се договорат со Донарума, ден по завршувањето на сезоната решија да го ангажира поранешниот играч на Лил, Мајк Маињан. Многумина беа изненадени од овој избор, но се покажа како вистинскиот. Маињан ги покажа своите вештини и ја освои наградата за најдобар голман изминатава сезона во Серија А.

Има многу играчи кои треба да се споменат, не само како Рафаел Леао или Оливие Жиру, туку и Сандро Тонали. Италијанскиот играч за врска пристигна летото 2020 година од Бреша и имаше слаби перформанси во првата сезона. Тој беше на позајмица со опција за откуп, а и покрај неговите маки да му тргне, клубот работеше да го ангажира трајно и веруваше во него. Тонали остана, му ја намалија плата и сезонава повторно беше еден од најдобрите играчи од средниот ред во лигата.

Сега истата шема ќе се случи со Франк Кесие, кој од следната сезона ќе игра за Барселона. Други можеби би го промениле својот план и би му понудиле повеќе пари за да ги задржат играчите од шампионскиот тим. Малдини не. Во неговиот ум е јасно што сака да направи и тој веќе работи на негова замена. А кога сме веќе кај новите засилувања, следната недела актуелниот напаѓач на Ливерпул, Дивок Ориги оди на медицински прегледи во Милан. Тој ќе биде првото засилување за следната сезона како слободен играч.

Нема многу време за славење. Мисијата на Малдини само што започна. Титулата во Серија А е само првиот трофеј, а амбицијата на Милан е да се обидува да освојува секоја година како кога Малдини беше најдобриот дефанзивец во светот. Играчите ќе дојдат, други ќе си заминат, но никој нема да биде поголем од клубот. Тоа го сака Малдини, а ако го вели најважниот играч во историјата на клубот, мора да му верувате.

виа

25 мај 2022 - 15:59